З А П И С Н И К ОД ПОДГОТВИТЕЛНАTA СЕДНИЦА НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
одржана на 11 април (петок) 2025 година во 12:00 часот
Членови на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на на Република Македонија Марко Бислимоски Lirim Sulejmani Александар Чеботарев Faton Ambari Елена Маркова Велинова Атанаско Тунески Irfan Shaqiri
5/14/20251 мин читање


З А П И С Н И К
ОД ПОДГОТВИТЕЛНАTA СЕДНИЦА НА РЕГУЛАТОРНА КОМИСИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА, ВОДНИ
УСЛУГИ И УСЛУГИ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО КОМУНАЛЕН ОТПАД НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
одржана на 11 април (петок) 2025 година во 12:00 часот
Седницата се одржа на 11 април 2025 година во просториите на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Македонија (во понатамошниот текст: РКЕ), со почеток во 12:00 часот, врз основа на Решението за свикување на подготвителна седница со архивски број 02-712/1 од 1 април 2025 година.
Предмет на разгледување на подготвителната седница на РКЕ беше:
- Предлог Правила за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со електрична енергија.
На оваа подготвителна седница присуствуваа:
- Марко Бислимоски - Претседател на РКЕ,
- Lirim Sulejmani - Заменик Претседател на РКЕ,
- Александар Чеботарев - член на РКЕ,
- Faton Ambari - член на РКЕ,
- Елена Маркова Велинова - член на РКЕ,
- Irfan Shaqiri - член на РКЕ.
Вработените во стручната служба на РКЕ:
- Биљана Дуковска Вердел - Раководител на Правен сектор,
- Билјана Јадровска Панова - Раководител на Одделение за истраги и прекршоци во Сектор за мониторинг, истраги и прекршоци,
- Елизабета Арсова - Раководител на Одделение за мрежна инфраструктура и обновливи извори на енергија,
- Анастасија Стефановска Ангеловски - Раководител на Одделение за економски работи од областа на електричната енергија,
- Марина Узунов - Раководител на Одделение за логистика и односи со јавност.
Претставник од ЕВН:
- Благој Стојевски.
Претставник од Електродистрибуција:
- Стефан Трост,
- Владимир Миладиновиќ,
- Александар Трлин.
Претставници од Инженери на Република Македонија:
- Петар Трајков
- Дениз Мустафаоглу.
Претставник од АД ЕСМ:
- Антонио Ивановски.
На седницата, иако беа уредно поканети, не присуствуваа:
- Претставник од АД МЕПСО - Скопје;
- Претставник од МЕМО ДООЕЛ Скопје;
- Претставник на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини;
- Претставник од Стопанска комора на северо-западна Македонија;
- Претставник од Стопанска комора на Северна Македонија;
- Претставник од Сојуз на стопански комори на Македонија;
- Претставник од Организација на потрошувачи.
Седниците ја водеше Марко Бислимоски – Претседател на РКЕ кој во својот вовед наведе дека предмет на разгледување на оваа подготвителна седница се Предлог Правилата за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со електрична енергија и ги информираше присутните за листата на поканети. Претседавачот посочи дека ова е втора по ред подготвителна седница на која се разгледуваат овие правила. Одржување на втора подготвителна седница не е вообичаена пракса на комисијата, но заради доставени забелешки по однос на претходната верзија од страна на Инженери на Република Македонија, а со цел постигнување на општ консензус по однос на овие правила е организирана и втора подготвителна седница. Со оваа измена на Правилата за снабдување се воведува месечно наместо досегашното квартално отчитување на броилата и исклучок во однос на руралните подрачја по однос на ова правило, заради непристапност на терените и неможност да се пристапи до броилото од објективни причини. Дополнително со оваа измена снабдувачот е должен да изготви коригирана фактура во зависност од периодот на отчитување, односно да ги прилагоди блоковите соодветно на периодот на отчитување. Со оваа измена се воведува во изготвената фактура од страна на снабдувачот да биде наведено дали истата е изготвена врз основа на отчитана или проценета потрошувачка.
Претседавачот отвори дискусија и даде збор на претставниците на ЕВН, како страна задолжена за имплементација на овие правила.
Претставникот на ЕВН, кој воедно е и претставник на ЕВН ХОМЕ, Благој Стојевски, истакна дека го разбира мотивот за предложената измена, како и тоа дека целта е да се постигне што поголема транспарентност, но дека од нивна страна постои загриженост дека овој начин ќе доведе до поголема забуна кај корисниците и колегите кои се директно вклучени во процесот детално ќе ги објаснат причините за таквиот став. Посочи дека едно од можните решенија е поедноставување на самиот тарифен, со цел да се избегнат квази решенија кои го зголемуваат незадоволството на потрошувачите. Посочи дека по однос на претходната верзија на оваа измена од страна на РКЕ е прифатена нивната сугестија која се однесува на оддалечените подрачја. Сепак и со оваа верзија на правилата останува отворено прашањето како да се постапи доколку заради објективни причини како што се неможност да се пристапи до броило по 3 до 4 последователни обиди од страна на отчитувачот. Ние предлагаме во самите правила да биде децидно кажано дека обврската за месечно отчитување се однесува на пристапните мерни места, затоа што и направениот исклучок алудира на тоа дека ќе постојат такви случаи каде месечното отчитување е невозможно. Исто така беше кажано дека во архивата на РКЕ се доставени забелешки од страна на Електродистрибуција по однос на измената која се разгледува на оваа подготвителна седница. Благој Стојевски посочи дека со излагање ќе продолжат колегите кои се директно инволвирани во процесот на отчитување.
Александар Трлин раководител на одделот за теренско отчитување од Електродистрибуција, посочи дека и сега отчитувањето во најголем дел се спроведува на месечно ниво. Проблем за да се постигне 100% отчитување како што беше посочено и Благој Стојевски, претставуваат броилата кои се внатре во самите објекти заклучени и куќите во викенд населбите. Од страна на Електродистрибуција се прават напори да се пристапи до овие броила надвор од стандардното работно време на отчитувачите но и тоа не секогаш е успешно. Што се однесува до централните градски реони, отчитувањето се врши еднаш месечно освен во исклучителни ситуации како што е период на зголемен обем на боледувања или годишни одмори. Месеците јануари и февруари се периоди на поголем број на боледувања. Но и во такви ситуации се трудиме максимално да се реорганизираме за да може да бидат прочитани што е можно поголем процент на броила.
По излагањето на Александар Трлин, Претседателот на РКЕ дополни дека од 2012 година кога се носат правилата за снабдување, обврската за отчитување на броилата е најмалку еднаш годишно, согласно европското законодавство односно согласно директивата за внатрешен пазар. РКЕ излегува од оваа рамка со цел да се изгради поголема доверба кај потрошувачите.
Стефан Трост, Раководител на ОД Билинг и прокурист на Електродистрибуција се надоврза на дискусијата на Александар дека на месечна основа имаат околу 200 илјади броила до кои немаат пристап од различни причини и за чија потрошувачка се приморани да направат предвидување согласно воспоставените криви на потрошувачка. Од тие 200 илјади броила, моментално за 2000 се поднесени барања за корекција на фактура. Останатите или не се свесни дека станува збор за фактури изготвени врз база на предвидени вредности или пак се задоволни со предвидените вредности. Исто така треба да се има во предвид дека воведување на автоматска корекција на фактури, кај некои корисници кои редовно ги подмируваат своите долгови, може да предизвика забуна во случај кога сметката ќе биде намалена за определен износ заради разлика во податоците од предвидувањето и отчитаните податоци. Исто така посочи дека со автоматското порамнување може да се предизвикаат измени во енергетскиот биланс месеци наназад и да влијае на веќе пресметаните дебаланси. Оваа измена сама по себе ќе иницира и промени во самиот билинг систем. Опција за автоматското сторнирање или автоматското порамнување во моменталната верзија на билинг системот не постои. Воведувањето на ваква опција ќе значи зголемување на трошоци и период за имплементација. Моментално се во фаза на надоградување на системот чија реализација се очекува да биде завршена до крајот на следната година, предложената измена би можело да се имплементира дури по завршувањето на ова надоградување на билинг системот.
Претседателот на РКЕ запраша дали со надградбата ќе се добие опцијата за автоматска корекција, но од страна на Стефан Трост беше одговорено дека надградбата не ја опфаќа таа опција. Во однос на укажувањето на Претседателот за долгиот период на надоградба на системот, претставниците од ЕВН одговорија дека во Бугарија каде веќе е направена оваа надоградба период на имплементација изнесувал 4 години, но токму завршениот процес таму овозможува во нашата земја да се заврши за значително пократок период.
Од страна на претставниците на ЕВН беше образложено дека надградбата на системот се прави од страна на Квази Сив и дека станува збор за искусна компанија која е присутна на повеќе пазари низ светот.
Претседателот на РКЕ побара претставниците на Електродистрибуција да достават податок за трошокот за имплементирање на автоматско порамнување во билинг системот.
Во контекст на измените Благој Стојевски се надоврза дека основниот приход на Електродистрибуција за периодот 2024 – 2026 година во кој се утврдени инвестициите и бруто платите е веќе фиксиран, а ова е инвестиција која не е планирана, а наметнувањето на оваа обврска ќе значи дополнителни вработувања со цел истата да може да се исполни.
Од страна на останатите претставници ЕВН беше дополнето дека со 350 вработени отчитувачи постигнале најголем процент на отчитување од 93%, сега имаат 179 отчитувачи процентот на отчитување на 89%, Процентот на отичаност не зголемува линеарно со бројот на отчитувачи, процентот зависи многу и од ситуацијата на терен, односно од тоа дали објектот е затворен.
Од страна на Претседателот беше побарано да образложат што значи затворен објект и потенцираше дека согласно Законот за енергетика од 2009 година им е дадена обврска броилата да бидат во нивна сопственост и да бидат поставени на места достапни за отчитување.
Од страна на Александар Трлин беше одговорено дека броилата кој се поставени се на граница на достапност, но има броила кои се поставени од претходно и се во дворови, во куќи и подруми внатре затворени и за жал тие случаеви не се ретки, такви се викенд населбите, цело Маврово и Попова Шапка. Во последен период проблем за отчитување преставуваат и малите станбени згради кои се заклучени или работат на дамофон а броилата се внатре и не може да се отчитаат во периодот на редовното работно време. Во ваквите случаи се оди во тие објекти и по работното време, се со цел да се постигне поголем процент на отчитансот и помал број на поплаки од корисниците.
Стефан Трост потсети и на опцијата дека секој корисник може сам да ја пријави состојбата.
Претседателот посочи дека до РКЕ се пристигнати поплаки од потрошувачи дека неможат сами ги отчитаат броилата како би ја пријавиле состојбата.
Од страна на претставниците на ЕВН беше образложено дека во такви случаи испраќаат отчитувач. Претседателот постави прашање колку броила се заменети од 2009 година, кога им е даде обврска со закон.
Од страна на претставниците на Електродистрибуција информираа дека годишно најмногу имаат променето 110 илјади а најмалку 70 илјади броила. Со оглед дека има 850 илјади потрошувачи, процесот би можел да се комплетира за 7 до 8 години доколку не постојат пречки и не се прават опструкции при нивната замена. Додадоа дека годишно инсталираат по 40 илјади далечински броила и до сега се инсталирани скоро 200 илјади броила со можност за далечинско отчитување.
Претседателот пред присутните ја посочи ситуацијата на претставникот на Инженери на Република Македонија, Петар Трајков кој поседува куќа во Побожје и каде неколку месеци по ред му стигнуваат фактури на кои е прикажана потрошувачка во зимските месеци од 5-6 kWh а тој во овие месеци има многу поголема потрошувачка (изминатата година во зимските месеци нема потрошувачка) и ги запраша претставниците на ЕВН како ќе изготват фактурата кога ќе го отчитаа броилото кое неколку месеци не е отчитано, а кое има многу поголема потрошувачка од фактурираната.
Од Електродистрибуција одговорија дека по отчитувањето на броилото целата потрошувачка нема да биде фактурирана за еден месец туку соодветно ќе биде коригирана и распределена на периодот кога не е отчитано броилото. Посочија дека онаму каде што по читањето на броилото е утврдена потрошувачка која влегува во 4тиот блок имаат автоматски алгоритам на корисници кои ги детектира корисните кај кои за прв пат е евидентирана потрошувачка во 4ти блок и веднаш се проверува дали станува збор за отчината состојба или пак за предвидување. И дополнија дека потрошувачот можел да навремено да реагира по однос на добиените фактури во ситуација како што е наведената и да не се чека до месец април за да се направи исправка, доколку не можел сам да го прочита броилото од страна на Електродистрибуција би бил испратен отчитувач.
Петар Трајков образложи дека проблем преставува македонска пошта која ненавремено ги доставува фактурите и тој не може навреме да реагира по однос на истите, на што претставниците на ЕВН одговорија дека ваквиот проблем се надминува со е-фактурата или пак преку вибер.
Претседателот запраша зашто оваа пракса не се применува и кај потрошувачи кои за прв пат влегуваат во третиот блок за и тие да бидат веднаш проверени.
Стефан Трост одговори дека за да може да се постигне тоа неопходно е да се зголеми бројот на вработени во соодветниот оддел на 15 вработени, а истиот моментално брои 5 вработени. И да бидат одобрени платите за овие вработени од страна на РКЕ, за што доби позитивен одговор од Претседателот, посочи дека станува збор за периодична работа и дека одделот нема потреба од константно 15 вработени.
Претседателот на РКЕ му даде збор на Членот на РКЕ Фатон Амбари кој предложи приоритет на монтирање на џисием броила да имаат потрошувачите кај кои оваа година е евидентирана потрошувачка во 4тиот блок.
Стефан Трост од Електродистрибуција кажа дека ќе мора да се проверат достапните количини на броила и бројот на вакви потрошувачи.
Александар Трлин од Електродистрибуција посочи дека голем дел од броилата работат со 2Г технологија која наскоро ќе биде укината и ќе мора истите да бидат заменети со нови коишто користат најнова технологија што и е критериум во тендерот за набавка на нови броила.
Петар Трајков ја продолжи својата дискусија дека како потрошувач смета дека блоковите треба да бидат формирани соодветно на периодите на отчитување и дека проблемот потекнува од воведувањето на блок тарифите и смета дека Електродистрибуција не е спремна за соодветна имплементација на блок тарифите. Ја дискутираше дека логиката на блок тарифите се коси со пазарната економија на обем каде што колку повеќе трошиш добиваш пониска цена по единица производ, само кај електричната енергија е обратно. Коментар беше даден и во насока на поедноставување на приказот на податоците во фактурите како и тоа дека прикажаните податоците не смеат да отстапуваат од податоците на броилото и ги обвини ЕВН Хоме дека наплатуваат повеќе од потрошеното односно дека поткраднуваат. Доколку компанијата не е спремна исправно да фактурира заради проблемите кои беа посочени, предложи да се укинат блок тарифите.
Претседателот на РКЕ во неговото повторно излагање информираше дека една од опциите е и укинување на блок тарифите, но посочи дека Македонија се соочува со недостиг од електрична енергија во поглед на домашното производство и укажа дека целокупните количини за домаќинствата се обезбедуваат од ЕСМ по цена која е многу пониска од реална производствена цена на компанијата, која разлика се компензира преку буџетски средства. Тој посочи дека укинувањето на блоковите и воведувањето на единечна цена ќе значи цена која е повисока од првиот блок, а пониска од третиот и четвртиот блок, но во тој случај ќе има и покачување кај ниската тарифа.
Благој Стојевски додаде дека сé се прави во насока да се воспостави систем кој ќе биде најправеден за потрошувачите и блок тарифите воведени во услови на енергетска криза и редовното читање на броилата, но дека треба да се има во предвид дека идеален систем не постои и дека секогаш ќе постојат ситуации кој ад хок ќе се решаваат. Но демантираше дека методологијата за цени на РКЕ не го дозволува она е кажано од страна на претставникот на Инженери на Република Македонија дека ЕВН Хоме поткраднуваат, што го потврди и Претседателот на РКЕ. ЕВН Хоме нема интерес да наплати поголем износ од испорачаната енергија затоа што истиот ќе биде одземен од страна на РКЕ при следната постапка за утврдување на цени за електрична енергија.
Следен доби збор Дениз Мустафаоглу, вториот претставник на Инженери на Република Македонија кој го елаборираше следното: Предложените измени на постојните правила се со цел воспоставување праведен, недискриминаторен и фер систем за наплата врз основа на реалната потрошувачка на електрична енергија. Истакнаа дека очекуваат измените и дополнувањата на Правилата кои ќе бидат усогласени на оваа седница, да бидат интегрирани и во новите Правила за снабдување со електрична енергија што треба да бидат донесени од страна на РКЕ по стапување на сила на новиот Закон за енергетика, кој веќе е ставен на дневен ред на 44. седница на Собранието, планирана за 22.04.2024 година. Нивните заложби се насочени кон усогласување не само на Правилата за снабдување, туку и на сите подзаконски акти предвидени со Законот за енергетика, со цел да се обезбеди фер, праведен и недискриминаторен систем на наплата според реалната потрошувачка. Следните забелешки беа посочени:
1. Во ставот (2) од членот 1 е наведено дека се додаваат ставовите (6) и (7), а е цитиран само ставот (6), што претставува правно-техничка грешка. Исто беше веднаш прифатено од РКЕ како техничка грешка.
2. Додадениот став (6) предвидува исклучок од ставот (5) на членот 29, но не го прецизира терминот „оддалечени подрачја“, што остава простор за слободно толкување од страна на операторот.
3. Измените во членот 2 не предвидуваат обврска за автоматска корекција на фактурите од страна на операторот, без потреба од реакција од потрошувачите, што е проблематично имајќи ја предвид обврската за приговор во рок од осум дена според членот 39. Дополнително, фактурите често не се доставуваат навремено, што потрошувачите ги става во неповолна положба.
4. Новата точка 18) во членот 34 е во контрадикторност со точката 6) од истиот член, како и со членот 31. Не може фактурата истовремено да содржи точни отчитувања и да се базира на проценета потрошувачка.
5. Вториот став од образложението, кој се повикува на европска пракса, е ирелевантен во наши услови поради постоење на блок тарифи и недостаток на далечинско отчитување на броилата. Истовремено, усогласувањето со меѓународни акти не е облигаторно во уставноправна смисла.
По однос на оваа забелешка веднаш беше даден коментар од страна на Претседателот кој укажа дека со ратификување на договорот за основање на Енергетска заедница, нашата држава презема обврска за имплементирање на директивите и истото е облигаторно.
Во однос на регулативите Дениз Мустафаоглу, претставникот на Инженери на Република Македонија додаде дека во Директивата 944 од 2019 година , точно е дека е наведено дека наплатата врз основа на реална потрошувачка се врши најмалку еднаш годишно, но дека исто така е наведено дека сите броила овозможуваат далечинско отчитување.
Александар Трлин посочи неколку европски земји во кои нема далечински броила како што се Германија и Белгија.
Дениз Мустафаоглу го продолжи своето излагање во однос на забелешката дека согласувањето со меѓународните акти не задолжително во уставно правна смисла и посочи решение на Уставниот суд под однос на поднесена иницијатива од страна на политичката партија ВМРО – ДПМНЕ во чиешто образложение стои дека истата е одбиена заради тоа што Уставниот суд нема надлежност да оценува дали одреден закон или негови одредби се во согласност со меѓународни акти. Понатаму ја образложи причината за споменувањето на ова решение, имено одредбите од Законот за енергетика укажуваат на тоа дека на актите кои ги донесува РКЕ не може да се стави вето и дека е дозволено да се поведе управен спор. На минатиот состанок е кажано дека по однос на правилата може да се поведе управен спор, но согласно образложението доколку при поведувањето на таков спор повикувањето е на правила на Европската унија, епилогот би бил ист како и во споменатото решение.
Претседателот на РКЕ информираше дека моментално пред уставниот суд се поведени две иницијативи во однос на акти на РКЕ, едната е за укинување на блок тарифите, другата е по однос на фиксниот надоместок и за двете сеуште не е одлучено.
6. Во образложението недостасува проценка на последиците од предложените измени, како што е предвидено во членот 34 од Законот за енергетика.
Дениз Мустафаоглу во своето излагање додаде дека нејасно е како РКЕ дозволила да има правни недоречености, контрадикторни одредби и непотполности во текстот на измените, имајќи предвид дека во нејзиниот состав има стручно лице за правни прашања избрано по строги критериуми. Недовербата на потрошувачите кон почитувањето на правилата произлегува и од постапките на операторот на електродистрибутивниот систем, кој на својата веб-страница јавно дава поинакви информации од тие што се применуваат во пракса. Како пример посочи дека во делот на често поставувани прашања на веб- страница на операторот на електродистрибутивниот систем стои прашање „Како во фактурите во декември се одвоија деновите во декември од оние од јануари, со оглед на тоа што од први јануари имаше зголемување на цените на струјата? И одговорот на тоа е дека електронските броила кои ги поседува електродистрибуција имаат можност да прикажат податоци за потрошувачка до триесет и први декември во дваесет и четири часот“.
- За што од присутните доби потврден одговор дека наведеното е точно.
Од страна на Дениз Мустафаоглу беа презентирани две фактури кои согласно него го потврдуваат ставот дека истото не е точно. Изготвена е фактура за месец декември, која го опфаќа период и декември и јануари со предвидени вредности и по поплаката од страна на корисникот е направена коригирана фактура со реални вредности, и запраша што во случај кога нема реакција од страна на потрошувачот. Презентираше и фактура на потрошувач кој за прв пат влегува во 4ти блок и дека не е направена автоматска корекција на истата како што тврдат претставниците на Електродистрибуција.
Претседателот сугерираше презентираните фактури да бидат доставени до Електродистрибуција и истите да се проверат.
Дополнително предложи да се избрише ставот (8) од членот 10 на актуелниот Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај. Побара измените во Правилата, како и во другите подзаконски акти, да бидат во согласност со Законот за енергетика и бидат насочени кон:
- заштита на правата на потрошувачите поради утврдените неправилности во изготвувањето на фактури,
- обезбедување на точни и прецизни податоци за потрошувачката;
- заштита на потрошувачите од доминантната позиција на операторот;
- доследно придржување кон обврските за недискриминаторен пристап при мерењето на потрошувачката.
Додаде дека никаде во Законот за енергетика не се предвидува естимација на податоците при изготвување на фактури, а правилата го дозволуваат тоа.
Тој дополни дека до РКЕ се доставени:
- Предлог-текст за изменување и дополнување на Правилата за снабдување со електрична енергија,
- Предлог текст за изменување на тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај и
- Компаративен преглед на Актуелните текстови на одредбите; Одредбите предложени со Вашиот Предлог и Одредбите предложени со нашите предлози.
Се повика и на членот 197 во кои се наведени случаите за надомест на штета и запраша дали потрошувачот има право на надомест на штета во случај кога има грешка во фактурирањето и посочи дека во сите случаи кога се фактурира согласно предвидување фактурираниот износ е повисок од реализираниот износ, за што беше негиран од сите присутни на седницата.
Претседателот ја задолжи Електродистрибуција во рок од 10 дена да достави:
- Потребниот број на отчитувачи кои се потребни за да се овозможи читање на сите броила еднаш месечно, потребната опрема и колку би изнесувале трошоците на годишно ниво
- Колку би изнесувал трошокот за прилагодување на билинг системот соодветно на предложените измени на Правилата за снабдување.
Од страна на Елена Маркова Велинова - Член на РКЕ беше поставено прашање до претставниците на Електродистрибуција зашто за ова се потребни 4 години за да може да се подготви системот наспроти 6 месеци кои биле потребни да се подготви билинг системот за блок тарифите.
Стефан Трост од Електродистрибуција објасни дека во периодот на воведување на блок тарифите не се правело и надоградба на системот од една на друга верзија како што е случајот сега, туку дека постојниот систем е дограден за примена на блок тарифи. По завршувањето на надоградбата на системот може да се направи прилагодување на истиот соодветно на предложената измена во правилата. По консултација со нивниот вендор, она што може порано да се воведе е информација во самата фактура дали фактурата е изготвена врз основа на реални или прогнозирани податоци. Додаде дека работат електронски да се овозможи барателот да поднесе приговор по фактура и автоматски да добие информација дали станува збор за отчитани или прогнозирани вредности. Паралелно работат на систем кој ќе овозможи доставување на фактури преку вибер, ватс ап или смс.
Елена Маркова Велинова се повика на член 5, 9 и 12 од Законот за облигациони односи, облигационите односи:
- Во остварувањето на правата и обврските од тие односи, учесниците за должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.
- Секој е должен да се воздржи од постапка која може на друг да му предизвика штета
- Во засновањето на облигационите односи и засновањето на правата и обврските од тие односи, субјектите се должни (кога со вршење на својата дејност непосредно задоволуваат потреби на граѓаните) своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува почитување на права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон или меѓународните договори ратификувани од Република Македонија.
Како причина за ваквото повикување го посочи фактот дека се РКЕ се соочи со голем број на жалби заради лошо предвидување, со што смета дека се прекршени овие три члена од Законот за облигациони односи. Доколку билинг системот не го овозможи она што е предвиденото со измената на правилата, кој е начинот за надминување на ваквите проблеми.
Стефан Трост посочи дека поедноставувањето на тарифниот систем е едно од можните решенија.
Елена Маркова Велинова запраша што би значело укинувањето на блок тарифите од аспект на прилагодување на билинг системот, колку време е потребно за таквото прилагодување, за што беше добиен одговор дека истото нема да одземе повеќе од една недела.
Претседателот ги информираше присутните дека во однос на споменато за Законот за облигациони односи, РКЕ ќе се обрати до сите јавни претпријатија во државата и до ЕСМ снабдувачот со топлинска енергија, затоа што сите тие фактурираат паушали во одреден период од годината.
Lirim Sulejmani - Заменик Претседател на РКЕ ги праша претставниците на Електродистрибуција, дали со одобрување на трошоци за вработување на дополнителни отчитувачи и одобрување на инвестиции за прилагодување на билинг системот се решава проблемот со нередовно отчитани броила и посочи дека решавањето на еден проблем може да предизвика друг и дека потребно е да се направи анализа со цел да се видат предностите и слабостите од воведување на ваквиот начин на работа. Тој истакна дека РКЕ при носењето на актите секогаш се води од начелата пропишани со Законот за енергетика и актите кои ги носи се во насока на заштита на потрошувачите преку мерки кои се применливи во пракса, а дека при тоа се води сметка и нивото на обезбедување на услугата. Она што се бара од Инженери на Македонија не може да се примени во пракса зашто станува збор за потрошувачи кои не обезбедуваат пристап до броилата, дали во тој случај ќе треба да се преземат мерки по таквите потрошувачи. Со правилата РКЕ овозможи од читање еднаш годишно да се премине на квартално читање а сега и на месечно, што јасно ја покажува заложбата на институцијата кон заштита на потрошувачите. Исто така информираше дека најголем дел од приговорите се однесуваат на броила со далечинско отчитување и како овој предлог ја решава оваа ситуација. Да се предлагаат решенија кои ќе предизвикаат само дополнителни трошоци кај сите корисници.
Билјана Јадровска Панова – Раководител на Одделение за истраги и прекршоци во Сектор за мониторинг, истраги и прекршоци во РКЕ информираше дека до РКЕ се доставени 620 приговори по однос на износ на фактури, од кои 55% се одбиени како неосновани, за 30% (186 во апсолутен износ) е изготвена корекциска фактура, 6% се уважени (36 во апсолутен износ), а 8% односно 52 приговори се јави потреба од дополнителна документација. Податокот дали фактурата е изготвена врз основа на читани или предвидени вредности е само он информационен карактер за потрошувачите и посочи дека Законот за енергетика никаде не наведува дека фактурата мора да биде изготвена врз основа на читана состојба и тоа е уредено со подзаконска регулатива. Укажа дека постојниот закон и правила се усогласени со Директивата од 2009та година а не онаа која беше презентирана од страна на Инженери на Македонија од 2019та година и во таа е наведено дека потрошувачите треба да се информирани за нивната вистинска потрошувачка и за трошоците онолку често за да им се овозможи да ја регулираат сопствената потрошувачка. Ваквата информација ќе им биде дадена во соодветна временска рамка. Заклучокот е дека директивата не пропишува во која рамка, кога да се даде информацијата и во која фреквенција. Во директивата исто така е наведено дека ќе се води сметка за економичноста на оваа услуга, односно услугата потрошувачот да добие информација за својата реална потрошувачка и таа услуга да биде бесплатна. Кога ќе се донесе новиот закон за енергетика РКЕ ќе ја усогласи својата подзаконска регулатива со нова директива. Во однос на ненадлежноста на Уставниот суд образложи дека тоа е така затоа што по сила на Уставот, членството во ЕУ, ратификуваните меѓународни договори се по автоматизам дел од внатрешниот поредок на нашата земја. Со ратификуваниот договор со кој сме членка на Енергетската заедница и потпишаната спогодба за стабилизација и асоцијација, неспорна е обврската за усогласување со регулативите и директивите на Европската Унија. Новата директива која беше читана точно дека наведува дека изготвувањето на фактури врз основа на вистинска потрошувачка е еднаш годишно, но исто така е дефинирано дека оние потрошувачи кои немаат броила со далечинско отчитување треба да добијат точна информација за нивната потрошувачка на секои шест месеци или најмалку три месеци доколку потрошувачот се согласи да добие фактура на електронски начин. Ако се земе во предвид дека има 890.00 илјади приклучоци ЛВ2, премал е процентот на доставени приговори, грешки се случуваат, но важно е да се потенцира дека кога грешката ќе настане, на потрошувачите им е достапен механизам за постапување.
Елена Маркова Велинова посочи дека не треба да се занемари фактот дека минатата година се пристигнати 94 приговори, а оваа 621 приговор и дека тоа треба да биде сигнал за постапување и креирање мерки.
Билјана Јадровска Панова објасни дека бројот на приговори кои се доставени дос универзалниот снабдувач како првостепен орган во 2024 година е за 5% понизок споредено со 2023 година.
Стефан Трост додаде и дека треба да се има во предвид дека оваа година пониските температури придонеле за поголема потрошувачка на енергија и поголемо влијание врз фактурите.
Претставник на Електродистрибуција додаде дека најголем дел од корекциите се во ранг од плус минус 100 денари.
Александар Трлин истакана дека 100% отчитаност е цел што не може да се постигне, во однос на далечни реони наброи неколку локации како Скопска Црна Гора, Танушевци, Бреси, Малино, Малто, Шар Планина, Караџица, реони кој во зимските месеци се непристапни заради непроодни патишта и за шал потрошувачите секогаш реагираат на повисоки фактури, а никогаш кога ќе добијат пониска фактура од реализираната потрошувачка. Во интерес на сите е што поточни фактури, затоа што самата корекција на фактурите за ЕВН претставува ангажирање на дополнителни ресурси што не е во прилог на компанијата.
Претставникот Дениз Мустафаоглу повикувајќи се повторно на директивата од 2019 година инсистираше на непоставените броила за далечинско отчитување и причините за нивно непоставување. Дополнително во однос на одбиените приговори од страна на РКЕ во образложението е наведено дека операторот има право на проценка на потрошувачката, се повикувате на член 31 од правилата за снабдување што е нешто што прави штета на потрошувачите. Имаше забелешка што Електродиструција не се екипирани со програмери кои сами можат да развијат софтвер. Исто така предложи наместо да се издаваат 12 фактури, фактурите да се издаваат кога ќе биде извршено читањето.
По однос на големиот број критики кои беа искажани од страна претставниците на Инженери на Македонија по Електродистрибуција, Благоја Стојевски реплицираше дека Електродистрибуција е признаена во рамки на Енергетската Заедница како нај напреден оператор на дистрибутивен систем и често држат обуки на оператори од други земји како да ја унапредат својата работа.
По однос на дискусијата за инсталирање на поголем број броила со далечинско отчитување, се посочи да се разгледа таа можност.
Irfan Shaqiri – Член на РКЕ порача операторот да работи на зголемување на довербата кај потрошувачите.
Во отсуство на Претседавачот, Заменик Претседателот ја затвори седница заблагодарувајќи се на сите за присуството.
Скопје, 11 април 2025 година.
Членови на
Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги
и услуги за управување со комунален отпад на
на Република Македонија
Марко Бислимоски
Lirim Sulejmani
Александар Чеботарев
Faton Ambari
Елена Маркова Велинова
Атанаско Тунески
Irfan Shaqiri