ВРЕДНОСТА НА ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА

Трагедијата во Кочанската дискотека ја отвори дебатата за системските пропусти и институционалната одговорност. Државата мора да обезбеди јасни регулативи за заштита на животот, а доколку тие не функционираат, таа сноси одговорност за надомест на штетата

дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу и дипл. инж. Андријана Богдановска

3/29/20251 мин читање

Трагедијата во Кочанската дискотека ја отвори темата за системските пропусти и институционалната одговорност. Без разлика на партиската припадност, државата има обврска да воспостави и спроведува јасни регулативи за заштита на животот. Доколку институциите не успеале да спречат ваква трагедија, одговорноста паѓа на државата, која е должна да ја надомести штетата. Оваа трагедија отвора суштинско прашање кое, покрај правниот, има и инженерски аспект, особено во областа на безбедносното инженерство, заштитата на работната и животната средина, како и инженерската економија. Со инженерски пристап кон пресметката на вредноста на човечкиот живот и одговорноста на државата, базиран на инженерски, економски и правен аспект, се развива методологија за пресметка на вредноста на човечкиот живот врз основа на следните параметри:

  1. Проектиран работен век – бројот на години на активен труд (во просек 35 години од моментот на полнолетство).

  2. Годишен приход – просечната годишна плата (во јануари 2025 година, просечната месечна нето-плата изнесува 43.050 денари).

  3. Инфлација и дисконтирање – нормализација на вредноста според годишната инфлација (просечна здрава годишна инфлација за тој период од 2%).

  4. Дополнителни надоместоци за нематеријална штети, како што се болката и страдањето на семејствата, недостатокот на родител, а во некој семејства губењето на единствениот род.

Иако нема вистинска мерка за компензација на изгубен човечки живот, ваквата пресметка има две димензии.

  • Првата е механизмот за превенција. Компаниите и државните институции ќе мораат да инвестираат во безбедноста за да избегнат финансиски и правни импликации. Со тоа ќе избегнеме ситуации во кои државата се потпира само на донации, кои често се критикувани за нивната недоволност. Потпирањето на донации исто така има и друга цел бидејќи и овозможува на државата да го пренасочи гневот во сочувство кај народот и да избегне притисок.

  • Втората димензија се семејствата на починатите како и преживеаните со инвалидитет. Тие не смеат да останат на маргините задушени во својата болка. Овие парични средства се доволни не само да им помогнат во животот туку и преку фондации да го задржат жив споменот за своето дете/ брат/сестра/мајка.

Затоа како секаде во западниот свет каде тежнееме да припаѓаме, државата е должна да исплати правичен надомест за изгубените човечки животи и инвалидитетите, бидејќи тие се последица на верижни пропусти предизвикани со омисивни деликти на надлежните институции и службени лица. Оваа реакција дополнително е поттикната од одлуката на Уставниот суд, со која државата треба да врати 30 милиони евра на компаниите врз основа на укинатиот солидарен данок. Патем овој данок никогаш не беше солидарен данок, туку данок на профитерство направено во криза, пандан на воено профитерство. Ова покажува недостаток на конзистентна економска и правна политика, што доведува до правна несигурност и намалување на довербата во институциите. Додека богатите компании добиваат правна заштита на своите профити, човечкиот живот се обезвреднува.

Според горенаведената методологија, износот што државата е должна да го исплати за загубата на човечките животи во кочанската трагедија е 500 000 евра по семејство или приближно идентичен со износот што треба да им биде вратен на компаниите врз основа на одлуката на Уставниот суд за солидарниот данок. Ваквиот однос на властите: Извршна и судска, покажува дека финансиските средства постојат па само е потребна политичка волја за нивна правична распределба. За да се спречат идни трагедии, потребно е усогласување на националните регулативи со најдобрите инженерски и правни практики во светот. Итно се потребни законски измени, особено во член 166 и член 190 од Законот за облигациони односи, со цел воведување праведна парична компензација во случај на смрт или тежок инвалидитет.