ВИЗУЕЛЕН ПРИСТАП ДО СТРУЈОМЕРИ
Поднесено е барање за утврдување на надлежност за инспекциски надзор и санкционирање во случај на оневозможен визуелен пристап на потрошувачот до струјомерот
ИНРМ
6/22/20251 мин читање


ДО:
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Ул. Македонија Бр. 27 Скопје – Центар 1000 Скопје
Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини
ул. Јуриј Гагарин бр.15, 1000 Скопје
Државен пазарен инспекторат
ул. Луј Пастер бр. 1, кат 3
Б A Р А Њ Е
ЗА ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР
ОД:
ИНРМ
Е-маил: contact@inzenerinarm.org;
Врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер („Службен весник на РСМ“ бр. 101/2019), бараме потврда за тоа чија е надлежноста за инспекциски надзор и санкционирање согласно член 164, член 274 и член 286 од Законот за енергетика („Сл. весник на РСМ“ бр. 101/2025)
Почитувани,
Врз основа на член 274 став (1) од новиот Закон за енергетика, со кој е уредено дека инспекциски надзор врз спроведувањето на Законот за енергетика вршат и Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, ве молиме да ни потврдите:
1. Кој од овие два органи е материјално и функционално надлежен за постапување во случај на повреда на член 164 став (1) точка 19, односно кога оператор на електродистрибутивен систем (ЕВН) не овозможува визуелен пристап на крајниот корисник до мерниот уред што е во негова сопственост или во сопственост на вертикално интегрираното друштво?
2. Кој орган е надлежен да спроведе инспекциски надзор и да изрече соодветна мерка или глоба во согласност со член 286 став (4) точка 4, каде е предвидена казна за операторот во ваков случај?
3. Доколку постои споделена надлежност или обврска за координирано постапување, Ве молиме да наведете како граѓанинот може да поднесе претставка за конкретно постапување и кон кој орган истата да биде насочена?
Образложение:
Според член 164 став (1) точка 19 од Законот:
„Операторот на електродистрибутивниот систем, во согласност со овој закон и прописите и правилата донесени врз основа на овој закон, е должен:
19. да овозможи визуелен пристап на корисниците до мерните уреди што се во негова сопственост или во сопственост на вертикално интегрираното друштво;“
Неспроведувањето на оваа обврска е санкционирано во член 286 став (4) точка 4:
„Глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на операторот на електродистрибутивниот систем ако:
4. не овозможи пристап на корисниците до мерните уреди што се во сопственост на операторот на електродистрибутивниот систем, или на вертикално интегрираното друштво (член 164 став (1) точка 19);“
Во однос на надзорот, член 274 став (1) пропишува: „Инспекциски надзор врз спроведувањето на овој закон вршат Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат.“
Со оглед дека ова прашање е од значење за голем број потрошувачи, особено во контекст на правото на увид, самостојна проверка на фактурираната потрошувачка и транспарентноста во мерењето и фактурирањето, бараме наведените информации да ни бидат доставени во електронска форма преку е-пошта или во писмена форма, согласно законски предвидениот рок и согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Во Скопје, 23.06.2025 година