ТЕХНИЧКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА МОНТАЖАТА НА ИГЛИЧЕСТ ЗАТВОРАЧ-ВЕНТИЛ НА ЖЕЛЕЗАРСКИОТ ЦЕВКОВОД СО ПРОФИЛ Ф1600.
Успешно завршен технички сложен проект за монтажа на игличест затворач-вентил на Железарскиот цевковод со профил Ф1600.
м-р Дејан Димовски, дипл. ел. инж.
6/3/20251 мин читање


Ј.П. Водовод и Канализација – Скопје во периодот од 30.05.2025 година (20:00 часот) до 02.07.2025 година (07:00 часот), вклучително и фазата на стабилизирање на водоснабдителниот систем, успешно заврши технички сложен проект за монтажа на игличест затворач-вентил на Железарскиот цевковод со профил Ф1600.
Проектот, реализиран на високо техничко ниво, вклучуваше затворање на главниот водоводен цевковод Ф1600 кај затворачот во фабриката Охис (Лафом), целосно празнење на цевководот и исклучување на експлоатационите капацитети на пумпните станици: ПС Радишани, ПС Бутел, ПС Гази Баба, ПС Шуто Оризари и ПС Визбегово.
По поставувањето на новиот игличест вентил, екипите на Ј.П. Водовод и Канализација – Скопје под технички сложени услови, успешно го наполнија цевководот и ги стартуваа експлоатационите пумпни станици без никакви дефекти во водоснабдителниот систем. Стабилизирањето на системот заврши во 07:00 часот на 02.07.2025 година, односно 28 часа по завршувањето на техничкиот зафат.
Реализацијата на овој проект носеше значителен ризик од можни трајни оштетувања на главниот цевковод Ф1600, особено поради потенцијалната појава на „воздушни џебови“ при процесот на полнење и пуштање на системот. Дополнителен ризик постоеше при затворањето на вентилот Ф1600 во Охис, кој од неговото поставување во 1968 година, е манипулиран (отворен/затворен) само по третпат.
Инженерскиот тим на Ј.П. Водовод и Канализација – Скопје го реализираше целиот процес преку мониторинг-центар со модерен SCADA систем, кој е софтверски и технички имплементиран етапно во последните 15 години, со фреквентни регулатори и софт-стартери како командни единици на електромоторните погони во пумпните станици.
Главен предизвик при планирањето беше дефинирањето на резервни варијанти како основа за превенција од можни ризици, како и заштита на здравјето на вработените поради исцрпеност од повеќечасовна непрекината работа. Проектот е реализиран без никакви технички грешки, што ја потврдува стручноста на инженерско-техничкиот тим и одговорноста на вработените, кои вложија максимум напор во сложени технички услови.
Ова е првпат во последните 60 години да се реализира ваков тип на технички зафат, кој подразбираше непрекинато изведување на операции во континуитет од 31 час.
Со реализацијата на проектот се подобруваат хидрауличките услови во водоводната мрежа преку монтажа на игличест регулационен вентил во новоизведена мерно-регулациона шахта со придружна хидротехничка опрема. Дополнително, се поврзува постојниот магистрален цевковод Ф1600 кај Железара со постојниот магистрален цевковод Ф700 на булевар Александар Македонски, кој се напојува од истиот цевковод, преку новопланираниот магистрален цевковод Ф700 кој ќе биде поставен по трасата на идниот булевар Хрватска.
Со ваквото поврзување се создаваат услови за формирање на циркуларен прстен за меѓусебно поврзување на двата магистрални цевководи во Скопје. Овој проект претставува техничка основа за изградба на новиот булевар Хрватска и ќе овозможи значително подобрување на водоснабдителниот систем во градот