СЛЕДУВААТ "ТЕШКИ ВРЕМИЊА" СО ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА

Владата усвои тригодишна агенда за етапно намалување на бројот на вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј и етапно зголемување цената на електричната енергија за домаќинствата

дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу

12/21/20241 мин читање

Во октомври 2024 година, Владата на Македонија ја одобри Реформската агенда за периодот 2024-2027 година, со акцент на зелена транзиција која треба да овозможи декарбонизација и премин кон одржливи енергетски решенија. Оваа иницијатива претставува суштински чекор кон постигнувањето на климатските цели и интеграцијата со Европската Унија. Македонската Влада до 2027 година би добила 145 милиони евра помош за енергетскиот дел. Сепак, имплементацијата на овие реформи наидува на значајни предизвици, особено во однос на редукцијата на бројот на вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј и зголемувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата.

Согласно планот за праведна транзиција предвидено е бројот на вработени во РЕК Битола и РЕК Осломеј да се намали. РЕК Битола кој вработува 2482 вработени се предвидува до 2027 година да преквалификува 850 вработени, од кои 530 би биле повторно вработени, но во нови зелени проекти или алтернативни индустрии, а остатокот од вработените би биле ангажирани во активности поврзани со одржување и управување на постојните капацитети. РЕК Осломеј кој вработува 845 вработени, се предвидува до 2027 година да преквалификува 150 вработени, од кои 100 би биле повторно вработени, но во нови области. Овие термоелектрани претставуваат клучни работодавачи во нивните региони, па за да се ублажат последиците од намалувањето на вработените Европската Унија предвиде помош на македонската Влада во износ од 17 милиони евра за програми за преквалификација и развој на човечкиот капитал. Овие средства ќе бидат насочени кон организација на обуки и тренинзи на вработените во совладување на вештини во области како обновливи извори на енергија, напредно производство и услуги, но и во воспоставување на центри за поддршка при барањето работа во Битола и Кичево. Нормално е оваа транзиција да предизвика сериозни социо-економски предизвици во овие градови бидејќи многу семејства се зависни од приходите токму на овие работници. Губењето на работа или преквалификувањето во нови сектори ќе создадат несигурност и страв од економска нестабилност кај овие семејства. Дополнително, ограничените можности за вработување во овие региони ги усложнуваат и напорите за повторна интеграција на работниците на пазарот на трудот.

Но не се само овие предизвици кои Владата ги има одобрено со Реформската агенда за периодот 2024-2027 година, за која надлежен субјект за следење и известување за постигнувањето на чекорите во енергетскиот дел е Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Значаен предизвик со кој ќе се соочат домаќинствата е и зголемувањето на цената на електричната енергија, што е директно поврзано со либерализацијата на пазарот. Според реформскиот план, државната интервенција во цените ќе се намалува по следната динамика: во 2024 година 85% од потребите на универзалниот снабдувач ќе бидат покриени со јавна интервенција, до 2025 година уделот на државната интервенција се намалува на 70%, до 2026 година интервенцијата ќе биде само 50%, а до јуни 2027 година јавната интервенција се сведува на 30%. Ова всушност значи ако моменталната цена на електричната енергија за домаќинствата изнесува 95 евра/MWh, а пазарната цена достигнува и до 180 евра/MWh, тогаш до 2027 година цената на електричната енергија за домаќинствата може да се искачи до 159 евра/MWh. Ова значи и до 60% зголемување на трошоците за електрична енергија, што значително ќе го оптовари домашниот буџет на многу семејства. Владата ќе предвидува субвенции за ранливите категории граѓани, но дали тие ќе бидат доволни за да се намалат економските удари останува неизвесно. Ефективноста на овие мерки ќе зависи од тоа како се распределуваат средствата и дали ќе ги достигнат оние кои најмногу имаат потреба од нив. Наградата која Владата ќе ја добие од Европската Унија за оваа транзициона мерка е околу 25 милиони евра.

Зелената транзиција на Македонија не е без предизвици бидејќи редукцијата на бројот на вработени во РЕК Битола и Осломеј и зголемувањето на цената на електричната енергија ќе има економски и социјални импликации. Останува да видиме дали 145те милиони евра помош од Европската Унија се сериозна мотивација за владата да истрае во реализацијата на оваа транзиција.

извори:
https://www.mep.gov.mk/data/file/Reformska%20Agenda/MK%20Reform%20Agenda_MK.pdf
https://mep.gov.mk/data/MK%20RA%20-%20Annex%202_MK.pdf
https://mep.gov.mk/data/MK%20RA%20-%20Annex%201_MK.pdf