РАНЛИВИТЕ ПОТРОШУВАЧИ И НАТАМУ НЕЗАШТИТЕНИ
Додека Владата и Министерството за енергетика се фалат со новиот Закон за енергетика, илјадници граѓани остануваат без никаква реална заштита од енергетската сиромаштија. Поднесовме претставка до Владата, Министерството за енергетика, Министерството за труд и Регулаторната комисија, со барање да се преземат итни мерки за ранливите потрошувачи пред да пристигне зимата. Иако новиот Закон за енергетика предвидува заштита за граѓаните кои живеат во сиромаштија, самохрани родители, пензионери со ниски примања и лица со инвалидитет, досега нема функционален регистар, нема методологија, ниту се врши исплата на ветените субвенции. На повикот за субвенции се пријавиле само 745 лица, од кои 454 биле прифатени . Оваа бројка е далеку од реалните потреби, бидејќи според проценките, ранливите потрошувачи се најмалку 110.000. Претставката која ја поднесовме бара итно донесување на методологија до крајот на август, формирање на регистар до октомври, исплата на веќе одобрените субвенции и објава на реална проценка на ранливите граѓани.
ИНРМ
6/27/20251 мин читање


До:
Влада на Република Северна Македонија
Булевар „Илинден“ број 2, Скопје
До:
Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад
Ул. Македонија бр.25, Палата Лазар Поп Трајков 1000 Скопје
До:
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини
Ул. Македонија Бр. 27 Скопје – Центар 1000 Скопје
До:
Министерство за труд и социјална политика
ул. „Даме Груев" број 14 1000 Скопје
Од:
ИНРМ
Е-маил: contact@inzenerinarm.org;
Врз основа на член 3 и 4, а во врска со член 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на РМ“ 6р. 82/08) ја поднесувам следната
ПРЕТСТАВКА
ЗА ЗАШТИТА И ОСТВАРУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ УТВРДЕНИ СО ЗАКОН
Предмет:
Итна потреба од навремено и целосно воспоставување на систем за заштита на ранливи потрошувачи пред почетокот на зимата 2025/2026
Почитувани,
Врз основа на одредбите од новиот Закон за енергетика („Службен весник на РСМ“, бр. 101/2025), особено членовите 2, 6, 8, 10, 11, 13, 16, 53, 55, 64 и 175, граѓаните кои се наоѓаат во состојба на енергетска сиромаштија (кои се социјално или здравствено загрозени) имаат право на посебна заштита како ранливи потрошувачи на енергија. Законот за нив предвидува бројни институционални обврски и посебни третмани со кои треба да се воспостават механизми за утврдување на статусот ранлив потрошувач, вклучување во регистар, овозможување пристап до универзалната услуга за снабдување со електрична енергија, заштита од исклучување, како и субвенционирање на потрошувачката.
Согласно законската обврска утврдена со член 311 од новиот Закон за енергетика, методологијата и другите подзаконски акти поврзани со статусот, правата и механизмите за заштита на ранливи потрошувачи може да се донесат 9 месеци од стапувањето на сила на законот, а тоа е најдоцна до февруари 2026 година. Таквиот рок е правно формално исправен, но социјално и практично е неприфатлив бидејќи зимата доаѓа многу порано и се оневозможува реална заштита на ранливите потрошувачи во текот на претстојната грејна сезона.
Податоците објавени од Министерството за енергетика за спроведената програма за финансиска поддршка на ранливите категории во 2025 година покажуваат дека на јавниот повик се пријавиле само 745 домаќинства, од кои 454 биле административно прифатени. Овие лица сеуште не ги добиваат предвидените 1.000 денари за покривање на трошоците за електрична енергија кои треба да им се исплаќаат 12 месеци. Но индикативен е и фактот што бројот на пријавените и прифатените лица кои спаѓаат во групата ранлива категорија е многу низок за разлика од домашните и странски проценки кои покажуваат дека над 110.000 граѓани би можеле да се класифицираат како ранливи потрошувачи, а меѓу 11% и 17% од населението се наоѓа во состојба на енергетска сиромаштија, што претставува помеѓу 200.000 и 300.000 лица. Тоа се граѓани кои живеат во сиромаштија, самохрани родители, пензионери со ниски примања, лица со инвалидитет и болни... Сите тие лица немаат време да чекаат краен рок до февруари 2026 година да се решава нивниот статус. Нивната заштитата мора да почне соодветно на нивниот животен и егзистенцијален календар, а не според административно утврдените рокови кои не смеат да се пречекорат, но смеат да бидат пократки во рамки на законски предвидените. Заштитата на ранливите потрошувачи е уставно и законско прашање од јавен интерес. Секое одложување го зголемува ризикот од социјална деградација, здравствени последици и повреда на човековото достоинство.
Овој дисбаланс укажува на отсуство на функционален систем:
Според член 12, Регулаторната комисија за енергетика има обврска да донесе Правила за снабдување со електрична енергија, каде треба да биде регулирана заштитата на ранливите потрошувачи, начинот на наплата и исклучување кои ќе бидат обврски на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме кон ранливите потрошувачи;
Според член 11, Министерството за енергетика има обврска да ги утврди критериумите и условите за добивање статус на ранлив потрошувач, да предлага и спроведува мерки за субвенционирање и поддршка на ранливите категории и да обезбеди соработка со Министерството за труд и социјална политика, РКЕ и други институции во спроведување на вака предвидените мерки;
Според членовите 10 и 175, Владата е надлежна да го донесе и ажурира Националниот план за енергија и клима кој содржи мерки за намалување на енергетската сиромаштија, со дефинирани индикатори, Методологија за мерење и механизми за следење. Таа треба да обезбеди услови за намалување на енергетската сиромаштија, преку интерсекторски пристап, координирани политики и соработка со единиците на локалната самоуправа
Затоа имајќи го предвид социјалниот и енергетскиот контекст, бараме овие обврски да се исполнат предвремено, односно најдоцна до септември 2025 година. Но истовремено бараме и:
Донесување на Методологија за утврдување на статус на ранлив потрошувач најдоцна до 31 август 2025 година,
Воспоставување на функционален регистар за идентификација, верификација и автоматска заштита на ранливите потрошувачи достапен на социјалните служби, снабдувачите, РКЕ и локалните самоуправи пред октомври 2025 година, за да се избегнат доцнења и последици во зимата која престои;
Итна исплата на предвидените субвенции за 454те домаќинства кои веќе се потврдени преку програмата за 2025 година;
Да се објави реална проценка на бројот на ранливи потрошувачи по категории и општини, во согласност со принципот на транспарентност и отчетност и
Да се воспостави механизми за автоматска вклученост и забрана за исклучување од енергетска мрежа во зимски услови, без дополнителни бирократски бариери.
Дополнително, апелираме Владата и Министерството за енергетика да отпочнат координирана итна акција со Министерството за труд и социјална политика и Регулаторната комисија, која ќе овозможи:
објава на јавен повик за регистрација,
локална поддршка преку центрите за социјална работа,
комуникациска кампања за информирање на ранливите категории,
предвремено активирање на мерките најдоцна до 1 ноември 2025 година.
Сето ова ќе обезбеди реална, а не декларативна примена на начелата на правична енергетска политика, и ќе се исполнат обврските на државата да обезбеди достоинствен и безбеден пристап до енергија за најранливите граѓани.
Овие барања не се надвор од опсегот на законот, туку напротив, тие се негова суштина. Заштитата на ранливите потрошувачи не смее да биде одложена за после зимата. Секоја инерција ќе се одрази во студени домови, неплатени сметки, зголемени долгови и нарушено достоинство. Бараме од институциите да постапат не само според роковите за донесување на подзаконски акти, туку и според начелата и целите утврдени со целиот Закон, но пред сè, во согласност со уставното начело на социјална правда и еднаквост пред закон.
Со почит,
ИНРМ
Во Скопје, 27.6.2025 година