ПРВИЧЕН ИЗВЕШТАЈ ОД ПОСЕТАТА НА БИРОТО ЗА МЕТРОЛОГИЈА
Клучен впечаток од средбата е дека Бирото за метрологија нема целосни капацитети ниту институционален обем на надлежности да гарантира дека броилата кои се инсталираат од страна на ЕВН се заштитени од можност за манипулација или вметнување на фиктивна потрошувачка.
ИНРМ
6/25/20251 мин читање


ПРВИЧЕН ИЗВЕШТАЈ ОД ПОСЕТАТА НА БИРОТО ЗА МЕТРОЛОГИЈА
Средбата во Бирото за метрологија се одржа во коректна атмосфера, со присуство на стручни лица од Бирото, при што беа разменети информации и согледувања во врска со надлежностите, капацитетите и практиките на институцијата во однос на верификацијата на броилата за мерење на потрошувачка на електрична енергија.
Клучен впечаток од средбата е дека Бирото за метрологија нема целосни капацитети ниту институционален обем на надлежности да гарантира дека броилата кои се инсталираат од страна на ЕВН се заштитени од можност за манипулација или вметнување на фиктивна потрошувачка. Претставници од Бирото директно изјавија дека, доколку постои сомнеж за манипулација, оштетените граѓани треба да се обратат до Пазарната инспекција или да поведат граѓанска постапка пред надлежен суд, што фактички го префрла целиот товар на доказ и иницијатива врз потрошувачот.
Беше потврдено дека во Македонија, единствената лабораторија што има акредитација за вршење на прва, редовна и вонредна инспекција на броила е лабораторијата во состав на ЕВН Електродистрибуција ДООЕЛ Скопје. Таа е акредитирана од Институтот за акредитација според стандардот ISO/IEC 17020:2012 како тип B тело. Согласно тој стандард, лабораторијата не смее да врши независна верификација со правна сила врз трети страни, ниту да поставува жигови за верификација во својство на овластено независно тело. Ова значи дека верификацијата, иако формално се спроведува, се одвива во сопствениот систем на ЕВН, а не како независна државна или трета контрола.
Постапката на верификација се врши во просториите на лабораторијата на ЕВН, при што стручни лица од Бирото избираат репрезентативен број на броила од одредена серија и во нивно присуство се врши мерење и проверка. Откако ќе се потврди дека примероците се во рамки на дозволеното отстапување, се поставуваат жиг и пломба на мерните делови. Сепак, како што беше потенцирано од присутните, не постои начин граѓаните да добијат потврда дали токму нивните броила се верифицирани и пломбирани, бидејќи тие се под заклучена инсталација управувана од ЕВН.
Посебно значајна беше дискусијата околу софтверските параметри на броилата, односно можноста за далечински пристап и евентуална злоупотреба. Стручните лица од Бирото изјавија дека нивниот надзор се однесува исклучиво на метролошкиот дел од уредот и дека немаат ингеренции, ниту техничка надлежност да ја контролираат конфигурацијата на делот од броилото кој го обработува тарифниот систем. Тој дел останува надвор од процесот на верификација и нема надворешен увид.
Констатирано беше дека во државата не постои независна лабораторија за верификација и Бирото не е надлежно за формирање вакви капацитети. Тоа прашање е од повисоко политичко или регулаторно ниво.
Изразивме искрена благодарност за отвореноста на стручните лица од Бирото и најавивме дека увидот од оваа посета ќе биде преточен во конкретни барања до надлежните институции, со цел обезбедување вистинска правна и техничка заштита на граѓаните. Како што и порано нагласивме ова прашање не е техничко, туку суштинско во борбата за правична и транспарентна енергетска политика.
По добивањето на одговорот од ЕВН на поднесеното од наша страна Барање за информации од јавен карактер, ќе следат подетален извештај и соодветни активности.