ПРОЕКТ „ВАРДАРСКА УТОПИЈА”
Министерството за транспорт и врски сака во долината на р. Вардар, да гради двоколосечна брза пруга, каде веќе егзистира автопат, а тука треба да се гради и проектот Вардарска Долина со 12 хидроелектрани. Двата проекти не можат да егзистираат истовремено и поради тоа трасата на брзата железница мора да се измести на исток!
ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл.хид.инж. Проект менаџер во периодот на реализација на Физибилити студијата „Вардарска долина”
7/10/20251 мин читање


Кој е вистинскиот коридор за новата брза пруга од Гевгелија до Табановце?
Коридорот на проектот Вардарска Долина е во колизија со старата железничка пруга, која тука егзистира веќе 150 години и е изградена во времето на Отоманската империја. Таа со мали корекции на трасата тука егзистира и го кочи развојот на нашата држава, а тука пред сè мислам на хидроенергетиката, земјоделието со современо наводнување во Повардарието, а да не зборувам за максималното еколошко загадување на водотекот на р. Вардар.
Уште по трагично е тоа што ние веќе сме заобиколени од страна на нашиот јужен сосед Грција, која целиот транспорт од пристаништето во Пиреа и Солун го врши преку три гранични железнички премини преку Бугарија, Србија кон Европа. Значи профитот од транспортот на стока и патници е рамен на нула. Старата пруга пропаѓа, а долговите за одржување на МЖ-Железници постојано растат.
Владата не се откажува од проектот Вардарска Долина
Владата не се откажува од природните бенефити од проектот Вардарска Долина, а мислам дека се свесни дека не може во еден тесен коридор да егзистираат старата пруга (сега два колосека на брза пруга), автопат и изградба на хидротехнички објекти во коритото на р. Вардар.
Изјава на министерот Николовски дадена на ТВ на 24 октомври 2024 година „Мое лично мислење е дека брзината на движење ќе биде 200 км/час, трасата треба да оди по рамниот терен по полето по источниот дел на државата, тоа е мое лично решение, ќе чини 2,3-2,5 милијарди евра со 5 години на градба ...“
Изјава на директорот на МЖ-Железници Синиша Ивановски на ТВ Алфа и ТВ 21 на 15 јуни 2025 година „Трасата на пругата треба да биде во долината на р. Вардар“. Тоа покасно ќе потврди министерот Николовски на Канал 5 ТВ во „Само интервју“ во истиот тој период 2025 година, иако претпоставувам дека ги познава условите за градба во „FIDIK“ прописите. Тој упорно тврди дека во долината на р. Вардар покрај пругата ќе се најде место и за хидроелектраните, значи го променил своето првобитно мислење од октомври 2024 година.
Министерката Сања Божиновска ќе изјави, јуни 2025 година, дека не се откажала од ништо што е бенефит за Р. Македонија.
Да заклучиме дека во однос на проектот Вардарска Долина од Владата сметаат дека брзата пруга нема да има никакви закани за објектите од А-категорија (спрема „FIDIK“ прописите), како што се браните и хидроцентралите. При проектирањето наводно ќе се води сметка истите да бидат избегнати и заштитени и нема да бидат загрозени, тврдат од Владата.
Мислења на стручната јавност
Филип Ивановски градежен инженер кој во железници работел 36 години во областа на инфраструктурата ќе изјави: „Иако идејата за брза пруга датира од 2015 година, сè уште нема дефинирано траса на ниво на физибилити студија, која е најповолна траса во повеќе опции и колку е овој проект економски исплатлив. Не се воспоставени технички стандарди за проектирање на брза пруга, нешто што Србија го направи пред да почне да го реализира проектот за пругата Будимпешта - Белград“. Тој потенцира дека долината на р. Вардар е можна варијанта за изградба на брза пруга, но во исто време изградбата на брзата пруга го исклучува проектот за хидроцентрали по течението на р. Вардар. Двата проекта не можат да егзистираат истовремено. Лично сметам дека искуството на г-н Филип Иваноски кој 36 години го „газел овој терен“, треба да му се верува.
Јас сметам дека сега треба да се вратам на моето искуство и работен стаж како хидроинженер кој 40 години работел на проектирање, изградба, надзор, стручни усовршувања како техничка помош во странство, на полето на хидротехничките објекти.
На Балканскиот регион и многу пошироко, хидроелектраните се сметаат како најкомплицирани објекти за реализација. Тука покрај сите предизвици што ги носи тој објект, постои и една директна борба со реката гради в гради, една бескомпромисна борба со природата, со реката што предизвикот го прави уште поголем. Работите се комплицираат кога е реката во еден тесен кањонски дел, какви се клисурните делови на р. Вардар.
Во таков случај реката треба да се измести преку посебен опточен тунел, а неговата изведба бара големи и тешки минерски работи, а после тоа и самата изведба на бетонската брана со хидроцентрала бара посебна технологија на градба, со посебна механизација за градба. Со тоа сакам да истакнам на еден пластичен начин дека не е можно да постои и присуство на една брза двоколосечна пруга во истиот простор со хидротехничкиот објект.
Сакам да истакнам дека размислувањата на одговорните луѓе од Владата што сметаат дека брзата пруга нема да биде никаква закана за објектите од А-категорија како што се хидроелектраните, не држи!!
Значи не држи тврдењето дека при проектирањето ќе се води сметка, да истите бидат избегнати, заштитени и нема да бидат загрозени. Лично тврдам дека тоа не е можно!!
Ако направиме анализа на мислењата на владините претставници и стручните мислења, можеме да заклучиме дека ставовите се дијаметрално различни.
Хронолошка анализа на објектите кои се изградени во долината на р. Вардар
Прво е реализирана едноколосечната пруга пред 150 години од страна на Отоманската империја. Таа е градена на десниот брег на р. Вардар.
После Втората светска војна во времето на СФРЈ изработена е првата водостопанска основа на Р. Македонија во 1954 година, каде се дефинираат два капитални објекти ХЕЦ „Градец“ и ХЕ „Велес“ кои не можат да се реализираат заради постоење на пругата.
Во периодот на шеесеттите години, поточно 1960-1964 година изработен е автопат „Братство-Единство“ на левиот брег од реката и кој ги почитува котите на акумулациите за хидроелектраните.
Во 2000 година изработен и усвоен е интегралниот проект „Вардарска Долина“ кој предвидува изградба на 12 хидроелектрани. Меѓутоа тука и понатаму егзистира една тотално застарена пруга, која само тоне во долгови.
Денес кога со новиот кредит од 6,0 милијарди евра се најави изградба на нова брза двоколосечна пруга, Владата одново инсистира де се гради брзата пруга на старата траса по течението на р. Вардар. Се прашувам каде е рационалноста на МЖ-Железници, тоа значи дека тие уште живеат во еден стар лош филм кој трае од крајот на XIX век. Тие забораваат дека сега живееме во XXI век, а изградбата на акумулации и хидроелектрани е императив за нашата егзистенција, за нашиот развој.
Тоа значи дека за вечни времиња ќе ја запечатиме судбината на р. Вардар и можност за било каков развој на централниот дел на нашата млада држава.
Што велат „FIDIK“ прописите, златна книга за градба на пруги и хидроцентрали?
Одговор на ова стручно прашање бара разгледување на неколку правни и технички аспекти кои се однесуваат на:
Применлива регулатива во Р. Македонија
Во Р. Македонија секој инфраструктурен објект, особено железнички линии мора да се усогласуваат со:
Просторни и урбанистички планови (Генерални, детални, Просторен план на Р. Македонија)
Закон за градење
Закон за железничкиот систем
Закон за животна средина
Закон за води
Закон за енергетика, каде спаѓаат и ХЕЦ објектите
Обврски во однос на планираните објекти од А-категорија
Објекти од А-категорија се оние од највисоко национално значење за државата:
Хидроцентралите, големи енергетски капацитети, објекти од национална безбедност.
Во согласност со законот за градење тие имаат приоритет и заштитна зона.
Општ заклучок: Инвеститорот е должен да ја избегне трасата низ зони каде се предвидени објекти од А-категорија, како што се хидроцентралите
Предлог заклучок и размислувања на авторот на текстот:
Мислам дека во текстот беа истакнати голем број правни, технички и стручни факти со кои јасно се истакнува дека новата брза пруга Коридор 10 треба да се измести од течението на р. Вардар.
Во спротивно можеме да се откажеме од проектот „Вардарска Долина“ и сите бенефити кои тој ги носи со себе, со спомнување на уште еден факт дека до 2050 година врнежите на територијата на Вардарскиот слив ќе се намалат за 30%, а потребите од вода ќе се зголемат за 50%.
Затоа новата траса на пругата треба да се измести на источната траса на државата, по така наречената источна страна на државата, по така наречената источна оска на развој (Просторен план на Р. Македонија), односно Гевгелија, Валандово, Штип, Св. Николе, Куманово, Табановце. Значи Куманово ќе биде пресечна точка меѓу двата коридора Коридор 10 и Коридор 8 (Црно море, Јонско море).
Заклучок
Ако остане старата траса треба да се откажеме од проектот „Вардарска Долина“ и сите бенефити што тој ги нуди.
Детална оцена и мислење на оваа проблематика треба да даде: Градежен факултет - Скопје, Министерство за енергетика и екологија и МАНУ.
Француските експерти кои работеа на Физибилити студијата „Вардарска Долина“, дадоа мислење дека новата траса треба да се измести надвор од долината на р. Вардар на исток.
Дефинитивната одлука треба да биде потврдена од Советот за безбедност кој е под директна ингеренција на Претседателот на државата Р. Македонија.
Предлог решение за источна траса на новата пруга


Вовед
Во весникот „Нова Македонија“ на ден 10 јуни 2025 година излезе мојата последна колумна под наслов „Нова пруга, стара дилема“ после која следеа голем број прашања од мои стручни колеги, а и покана за учество во ТВ емисијата „Трилинг“ и повторно голем број прашања и дискусии. Со овој тест сакам во кратки црти да дадам одговор на сите поставени прашања. Колку е тоа можно ќе кажете вие читателите, кои се заинтересирани за оваа проблематика.
Во моето понатамошно излагање ќе се осврнам на техничкиот и правниот дел од овие стратешки објекти за нашата држава. Исто така во кратки црти ќе биде даден бенефитот од овие два стратешки објекти, без да навлегувам во некои финансиски анализи за кои сметам дека не сум доволно меродавен и стручен.