Претставка до Регулаторна комисија за енергетика

Следува период кога ќе се носат прилично сензитивни одлуки во Регулаторната комисија за енергетика,. Затоа подготвивме една Претставка со која сакаме да превенираме определени воочени недоследности во функционирањето на РКЕ. Така со Претставката се бара почитување на 20 дневните рокови за закажување на подготвителните седници, задолжително објавување на записници од истите, објавување на бројот на гласови „за“ и „против“ одлуките кои се носат, објавување на електронските адреси на стручните лица - членови на РКЕ и дополна на статутот

ИНРМ

9/28/20251 мин читање

ДО:

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад

Ул. Македонија бр. 25, Палата Лазар Поп Трајков 1000 Скопје

Врз основа на член 3 и 4, а во врска со член 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на РМ“ 6р. 82/08) се поднесува следната

ПРЕТСТАВКА

ЗА ЗАШТИТА И ОСТВАРУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ УТВРДЕНИ СО ЗАКОН И ЗА ПОВЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВА ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

Предмет:

Барање за доследна примена на Законот за енергетика, Статутот и Деловникот на РКЕ, со што ќе се зајакне транспарентноста, отчетноста и правната сигурност во работењето на Регулаторната комисија за енергетика.

Почитувани,

Врз основа на Законот за енергетика („Службен весник“ бр. 101/2025 и 135/2025), а особено имајќи ги предвид одредбите за транспарентност и јавност во работата на Регулаторната комисија за енергетика, се поднесува претставка со следните барања:

1. Почитување на законските рокови

Со оглед на роковите предвидени за донесување на подзаконски акти согласно член 311 од Законот за енергетика, како и роковите за носење на одлуки за цените и тарифите од член 54 став 1 точка 1 потточка 21 од истиот закон, се бара доследно почитување на член 69 став 3 од Законот за енергетика:

„Поканите и материјалите од ставот (2) точки 1, 2 и 3 на овој член, Регулаторната комисија за енергетика најмалку 14 дена пред одржување на подготвителна седница ги доставува до заинтересираните страни, а материјалите ги објавува на својата веб-страница.“

Со доследна примена на оваа одредба ќе се избегне прекумерната употреба на исклучокот предвиден во став 4 од истиот член, според кој рокот може да биде покус, но не покус од три работни дена.

2. Јавна достапност на службени електронски адреси

Со цел почитување на начелото на транспарентност утврдено во член 46 став 2 од Законот за енергетика, се бара на веб-страницата на РКЕ да бидат јавно објавени службените електронски адреси за комуникација со сите седум членови на Регулаторната комисија, и тоа:

  • стручниот член за правни прашања од областа на енергетиката, водните услуги или управувањето со отпад,

  • стручниот член за економски прашања од областа на енергетиката, водните услуги или управувањето со отпад,,

  • стручниот член за технички прашања од областа на водните услуги или услугите за управување со комунален отпад,

  • четирите стручни членови за технички прашања од областа на енергетиката.

Овие контакти се неопходни за да може граѓаните, институциите и стручната јавност да се обратат и да добијат одговор директно од најкомпетентниот член за конкретни правни, економски или технички прашања, со што ќе се надмине досегашната практиката каде одговорите на сите прашања ги дава претседателот на РКЕ.

3. Дополнување на Статутот на РКЕ

Потребата од објавување на електронските адреси произлегува и од член 25 од актуелниот Статут на РКЕ („Бр. 01-391/2 од 26.08.2011 и Бр. 01-374/6 од 19.03.2019 година“), според кој измени и дополнувања на Статутот може да предлагаат претседателот, заменик-претседателот и членовите на РКЕ.

Се бара дополнување на член 12 од Статутот со одредба која ќе го уредува начинот на гласање, односно во одлуките задолжително да биде наведено со колку гласови „за“ и со колку „против“ се носат истите. На овој начин ќе се отстрани постојаната заблуда кај јавноста дека одлуките во РКЕ се носат консензуално, а воедно ќе се испочитува начелото на транспарентност од членот 46 од Законот за енергетика.

4. Почитување на Деловникот за работа

Се бара доследно почитување на одредбите од Деловникот за работа на РКЕ („Бр. 01-898/1 од 30.03.2020 година“), и тоа:

  • Член 5 став 9: „Регулаторната комисија за енергетика, во постапките по став (3) точки 1), 2) и 3) од овој член, го закажува одржувањето на подготвителната седница најмалку 20 дена пред датумот на нејзиното одржување.“

  • Член 8 став 5: „Регулаторната комисија за енергетика на својата веб-страница објавува сублимиран записник од одржаната подготвителна седница.“

Со тоа ќе се обезбеди транспарентност и навремена информираност на сите заинтересирани страни.

До моментот на испраќањето, оваа Претставка е поддржана од ______ членови на Инженери на Република Македонија.

Со почит,

Скопје 29.09.2025 година