ПОВЕЌЕ ЕВТИНА СТРУЈА – ПРЕДЛОГ ЗА ПРАВЕДНА РАСПРЕДЕЛБА НА ТАРИФИТЕ

Анализата покажува дека наместо досегашните 90 часа, домаќинствата во лето би можеле да имаат 115 часа евтина струја седмично, а во зима 101 час. Во саботите и неделите во летниот период можни се по 8 часа со дупло поевтина струја.

дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу

5/4/20251 мин читање

Врз основа на анализата на 20.520 часовни податоци за цената на електричната енергија на берзата HUPX, за периодот од 1 јануари 2023 година до 4 мај 2025 година, утврдени се најсоодветните временски интервали за дефинирање на периодите на „високи оптоварувања“ и „ниски оптоварувања“, врз основа на кои може да се усогласи Тарифниот систем за продажба на електрична енергија за потрошувачите кои ги снабдуваат универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај.

При анализата на средните вредности на цените, не се земени предвид неработните денови во Европа поврзани со следниве празници: Нова година, Први мај, Велигден и Божиќ.

Според постојниот Тарифен систем, домаќинствата располагаат со 90 часа евтина струја неделно, и тоа: во работните денови од 22:00 до 07:00 и од 13:00 до 15:00 часот, како и во текот на целиот ден недела, кога евтината струја е достапна од 00:00 до 24:00 часот.

Врз основа на резултатите од анализата, се утврдува потреба од поделба на годината на две сезони:

  • Летна сезона: од март до октомври (вкупно осум месеци),

  • Зимска сезона: од ноември до февруари (вкупно четири месеци).

Дополнително, деновите во неделата се делат на:

  • Работни денови: од понеделник до петок,

  • Викенд денови: сабота и недела.

Резултатите од анализата покажуваат дека во летната сезона домаќинствата би имале на располагање вкупно 115 часа евтина струја неделно, од кои 75 часа во работните денови (од 23:00 до 07:00 и од 09:00 до 18:00 часот) и 40 часа за време на викендите (од 22:00 до 19:00 часот), со можност за воведување на дополнителен период „блок 2“ со дупло поевтина струја од 09:00 до 18:00 часот во викендите, што претставува 16 часа неделно дупло поевтина струја. Во зимската сезона, пак, би биле обезбедени 101 час евтина струја неделно, од кои 65 часа во работните денови (од 22:00 до 07:00 и од 10:00 до 16:00 часот) и 36 часа во викендите (од 21:00 до 16:00 часот).

Овие резултати произлегуваат од спроведената анализа, но конечна одлука за нивно прифаќање или отфрлање треба да донесе Регулаторната комисија за енергетика, врз основа на сопствена анализа и согледување на социјалните потреби и навики на населението.

Линк од каде се преземени податоците за обработка: https://hupx.hu/en/market-data/dam/historical-data