ПЛАЌАМЕ 54 МИЛИОНИ ЕВРА БЕЗ КОРИСТ! БАРАМЕ РЕАКЦИЈА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПО ИЗЈАВАТА НА МИНИСТЕРКАТА САЊА БОЖИНОВСКА
Јавноста има право да знае: Дали институциите го штитат јавниот интерес или дозволуваат тивко трошење милиони евра народни пари, без никаква одговорност.
ИНРМ
5/8/20251 мин читање
Врз основа на изјавата дадена од министерката за енергетика, Сања Божиновска, во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24Вести, јавно го поставуваме прашањето:
Дали обвинителство ќе преземе мерки за утврдување на евентуална кривична одговорност за несовесно работење во службата по член 353-в и за непријавување кривично дело или сторител по член 364 од Кривичниот законик поради континуирано плаќање на значителни буџетски средства без никаква корист за граѓаните?
Во емисијата „Аргумент плус“ министерката Божиновска, меѓу другото, изјави:
„Кога дојдов, најдов само фактура која што е изготвена врз основа на договор каде што нашата држава има закупено долгогодишен капацитет од 15 години и таа фактура месечно изнесува 300.000 евра за закуп на преносен капацитет. Тоа не се користи... Сме закупиле капацитет за пренос и тој не се користи, сега за сега ги плаќаме месечно овие 300.000 евра. Нив ги плаќаме веќе една година сигурно, а ќе ги плаќаме 15 години. Тоа е сериозен договор потпишан на 15 години. Парите ги даваме на тој што го продава капацитетот – на систем операторот. Мислам дека не може да се раскине овој договор. Тие што го правеле договорот можат да појаснат што мислеле тогаш со закуп на овој капацитет...“
Според кажаното, државата веќе една година плаќа по 300.000 евра месечно за закуп на преносен капацитет од 1,8 TWh годишно. Се работи за закуп на правото на користење на дел од гасоводната мрежа за транспорт на природен гас во период од 15 години, а кој капацитет не се користи. Ова значи дека досега се потрошени најмалку 3,6 милиони евра, со обврска да се исплатат вкупно 54 милиони евра во наредните години, притоа без било каква јасна правна, енергетска или економска оправданост.
Со оглед на сериозноста на изјавата и штетните последици по јавниот интерес и буџетот на државата, сметаме дека обвинителството има и правна и морална обврска да постапи, да отвори предмет и да ја информира јавноста дали и какви дејствија се преземаат за утврдување на евентуална одговорност на надлежните лица кои го склучиле договорот, како и на оние кои знаеле, а не пријавиле.
Јавноста има право да знае: Дали институциите го штитат јавниот интерес или дозволуваат тивко трошење милиони евра народни пари, без никаква одговорност.