ОДГОВОР ОД РКЕ НА ПРЕТСТАВКАТА ЗА ПАУШАЛНОТО ФАКТУРИРАЊЕ

Го пренесуваме текстот од одговорот на претставката поднесена до Регулаторна комисија во врска со паушалните фактури https://www.inzenerinarm.com/pretstavka-do-rke

ИНРМ

6/18/20251 мин читање

Почитувани,

Во врска со Вашето обраќање до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (понатаму: Регулаторна комисија за енергетика) и заведено како претставка под УПП бр.09132/25, Ве информираме за следното:

Согласно член 164 став (1) точка 18 од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/25), операторот на електродистрибутивниот систем е должен да ја мери електричната преземена во и предадена од електродистрибутивниот систем со кој управува, а согласно член 140 став (1) точка 20 од Законот за енергетика*, операторот на електропреносниот систем е должен да обезбеди инсталирање и одржување на мерните уреди и да ја мери електричната енергија на сите мерни места во точките на прием и испорака на електрична енергија во електропреносниот систем и да ги стави на располагање податоците од мерењата на корисниците на системот и на операторот на пазарот на електрична енергија.

Понатаму, членот 185 од Законот за енергетика* подетално ја уредува фактурата за потрошена електрична енергија, согласно кој, снабдувачот со електрична енергија, врз основа на мерењата за потрошената електрична енергија извршени од операторот на соодветниот систем, на своите потрошувачи им фактурира за испорачаната електрична енергија по договорената цена, при што во фактурата особено ги вклучува:

1. надоместок за потрошена електрична енергија, без данок на додадена вредност;

2.надоместок за користење на електродистрибутивниот и/или електропреносниот систем, ако за тоа има склучено договор со операторот на соодветниот систем, без данок на додадена вредност;

3. надоместок за електричната енергија од обновливи извори на енергија произведена од повластени производители кои користат повластени тарифи, без данок на додадена вредност;

4. надоместок за користење на пазарот на електрична енергија, без данок на додадена вредност;

5. даночната стапка по која се пресметува данок на додадена вредност согласно закон за соодветниот промет наведен во точките од 1 до 4 на овој став и

6. износ на пресметан данок на додадена вредност за секој промет наведен во точките од 1 до 4 на овој став.

Согласно ставот (2) од истиот член, во случај кога за пресметковниот период не е извршено мерење на потрошената електрична енергија од операторот на соодветниот систем, снабдувачот ја изготвува фактурата врз основа на претпоставена потрошувачка, која еднаш на три месеци во тековната година се усогласува со реалната потрошувачка и издава коригирана фактура за соодветниот пресметковен период, а на барање на потрошувачите им доставува јасно и разбирливо објаснување за начинот на кој истата е изготвена. Коригираната фактура се издава најдоцна до рокот утврден за вршење на исправка на даночна пријава согласно законот со кој се уредува данокот на додадена вредност.

Согласно ставот (4) од истиот член, Регулаторната комисија за енергетика во правилата за снабдување со електрична енергија поблиску ги уредува обврските на снабдувачот во врска со фактурите за потрошената електрична енергија и тоа:

1. информациите содржани во фактурата и начинот на нивно прикажување;

2. начин на изготвување на пресметката содржана во фактурата, особено во случај кога пресметката не е изготвена согласно реалната потрошувачка;

3. начин на доставување и плаќање на фактурата и

4. обезбедување на информации во врска со промените на цените на електрична енергија и започнувањето на примената на променетите цени.

Понатаму, согласно член 311 ставот (1) од Законот за енергетика* подзаконските акти предвидени со овој закон, кои се однесуваат на сигурноста во снабдувањето со енергија, подготвеноста за справување со ризици и управување со енергетска криза, статусот и надлежностите на Регулаторната комисија за енергетика, лиценците, изградбата на нови енергетски објекти, пристапот на трети страни и приклучувањето на мрежи, пазарот на електрична енергија и пазарот на гас ќе се донесат во рок од девет месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Согласно ставот (2) од истиот член, подзаконските акти предвидени со овој закон, кои се однесуваат на енергетските биланси и енергетската статистика, пазарот на топлинска енергија, пазарот на сурова нафта, нафтени деривати и горива за транспорт, управувањето со енергетски објекти, опрема, уреди и постројки, утврдувањето и контролата на квалитетот на испорака и снабдување со електрична енергија и надзорот ќе се донесат во рок од 18 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон. Согласно ставот (3) од истиот член до донесувањето на подзаконските акти од ставовите (1) и (2) на овој член, ќе се применуваат подзаконските акти донесени врз основа на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24).

Оттука, имајќи го предвид горенаведеното, Правилата за снабдување со електрична енергија („Службен весник на Република Македонија“ бр.172/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 138/19 и 159/22) (понатаму: Правила за снабдување) кои се донесени врз основа на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24) се во сила и примена се до донесувањето на нови Правила за снабдување со електрична енергија кои ќе имаат правен основ во новиот Закон за енергетика* и ќе бидат целосно усогласени со истиот.

Поради тоа што со влегување во сила на Законот за енергетика* на 29.05.2025 година не може да се вршат изменувања и дополнувања на постојните подзаконски акти донесени врз основа на Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ број 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19, 236/22, 134/24 и 147/24), туку може да се донесат единствено нови подзаконски акти кои ќе имаат правен основ во новиот Закон за енергетика*, постојните Правила за снабдување со електрична енергија остануваат во сила и примена се до донесувањето на нови.

Од причина што операторите на соодветните системи континуирано вршат мерење на електричната енергија, а единствено во случите кога мерните уреди немаат можност за далечинско отчитување мерните податоци од таквите уреди може да се соберат само со директно отчитување од страна на овластени лица на операторите на соодветните системи, Регулаторната комисија за енергетика за членот 182 став (2) од Законот за енергетика* се обрати со барање мислење до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. По добивањето на мислењето, дополнително ќе Ве известиме.

Остануваме на располагање за дополнителни информации.

Со почит,

Линк од нашата поднесена претставка:
https://www.inzenerinarm.com/pretstavka-do-rke