НЕПРАВЕДНА НАПЛАТА НА СМЕТКИТЕ ЗАРАДИ ПАУШАЛНО ОТЧИТУВАЊЕ – ПОТРЕБНО Е МЕСЕЧНО ОТЧИТУВАЊЕ НА БРОИЛАТА

Паушалното отчитување на струјомерите неправедно ги зголемува сметките на граѓаните! Дури и мала грешка во проценетата потрошувачка може да ве внесе во поскап тарифен блок, зголемувајќи ја сметката и до неколку илјади денари годишно. Решението е задолжително месечно отчитување на броилата!

дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу

3/7/20251 мин читање

Во текстот ќе се обидам да објаснам како се создава неправедната наплата, потоа зошто е неопходно да се врши месечно отчитување на броилата и на крајот ќе изнесам определени препораки кои верувам дека ќе допрат до надлежните институции.

Најголем дел од потрошувачите (околу 80% домаќинства) влегуваат во вториот ценовен блок (211-630 kWh за 30 дена) особено во зимските месеци. Ако едно семејство троши рамномерно 630 kWh месечно, а со паушално пресметување се намали потрошувачката за 10% во еден месец (576 kWh), во следниот месец реалната потрошувачка ќе покаже повисоки вредности (693 kWh). Така, 63 kWh ќе преминат во третиот, поскап блок, што води до дополнителни трошоци и тоа 117,5 денари како добивка за ЕВН, 21,1 денар како ДДВ или вкупно 138,6 денари неправедна наплата по домаќинство.

Ако оваа грешка се повторува шест пати годишно и ако 15% од броилата се неотчитани секој месец (околу 137.000 потрошувачи), тогаш граѓаните можат да бидат оштетени за околу еден милион евра годишно, од кои 18% завршуваат во државниот буџет.

Ваквите аномалии се појавуваат од моментот на воведувањето на блок-тарифите на 1 јули 2022 година, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) ги измени Правилата за снабдување со електрична енергија, предвидувајќи квартално наместо годишно отчитување на броилата. Ова доведе до неправедна наплата, бидејќи паушалното одредување на потрошувачката неретко може да ги внесе домаќинства во повисоки ценовни блокови, со што сметките неоправдано се зголемуваат. Оваа состојба резултира со дополнителна добивка за ЕВН и зголемен приход за државата преку ДДВ.

ЕВН тврди дека сите броила се отчитуваат месечно, а само кај 15% од нив се применува проценка. Но дури и мала грешка во проценетата потрошувачка може значително да ја зголеми сметката на потрошувачите и тоа +170 денари годишно кај потрошувачите кои се во првиот ценовен блок, +830 денари за оние во вториот ценовен блок, и дури +8.080 денари за потрошувачите во третиот ценовен блок.

Продажбата на дистрибутивната мрежа на ЕВН беше оправдана со ветувања за модернизација, вклучувајќи дигитални броила со автоматско отчитување, но праксата покажува дека неправедните проценки сѐ уште создаваат финансиска штета за граѓаните. Затоа, за да се заштитат потрошувачите и да има фер наплата, неопходно е РКЕ да воведе задолжително месечно отчитување на броилата во Правилата за снабдување со електрична енергија, а Надлежните институции (Државен пазарен инспекторат, Министерство за економија, Народен правобранител, Совет за заштита на потрошувачите, ДКСК, Министерство за енергетика) да преземат мерки против нерегуларностите.

Задолжителното месечно отчитување е клучно за спречување на неправедна наплата и заштита на правата на потрошувачите. Не смеат потрошувачите да бидат оштетени!