КРИТИЧКИ ОСВРТ КОН НАДОМЕСТОКОТ ЗА ПРИСТАП НА МРЕЖА И БЛОК ТАРИФИТЕ
Постојат многу причини за критикување на одлуките донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика, но некои одлуки имаат и своја оправдана причина зошто се донесени...
дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу
12/8/20241 мин читање
Постојат многу причини за критикување на одлуките донесени од страна на Регулаторната комисија за енергетика, но одлуката за воведувањето на блок тарифите за надомест на потрошувачката на електрична енергија како и одлуката за воведувањето на надоместокот за пристап на електродистрибутивниот систем се едни од подобрите решенија со кои се заштитуваат домаќинствата со пониски приходи кои се снабдуваат со електрична енергија од универзалниот снабдувач, односно домаќинствата кои имаат само еден објект за домување, во кој немаат дополнително приватни работилници, пекари, автомеханичарски работилници, џакузи по домовите, големи базени кои се загреваат и слични други мали фирми кои трошат многу повеќе електрична енергија од просечната потрошувачка на едно домаќинство. Останатите домаќинства кои имаат повеќе објекти за домување, викендици во кои ретко престојуваат и други слични објекти, не ретко бараат емпатија објаснувајќи дека некој ги оштетува со тоа што мораат и при 0 kWh месечна потрошувачка на електрична енергија да платат 420 денари месечно, од кои 236 денари се за пристап на електродистрибутивната мрежа, а остатокот за комунална такса за јавно осветлување.
Власта во предизборната кампања, со цел за да придобие гласови од таквата категорија на граѓани ветуваше дека ќе го укине надоместокот за пристап на електродистрибутивниот систем, што е само популистичка мерка бидејќи 236 денари за ваквите домаќинствата кои покрај домот во кој живеат имаат уште неколку објекти за домување во кои не доумуваат или ретко ги посетуваат, за нив оваа давачка и не е некој сериозен трошок. Меѓутоа укинувањето на оваа давачка би предизвикала зголемување на цената на електричната енергија во блоковите, можеби во првите два блока или пак би се зголемила цената на ниската тарифа на електричната енергија, што би ги погодила токму домаќинствата кои се трудат да заштедат електрична енергија поради ниските семејни приходи.
Воведувањето на надоместокот за пристап на електродистрибутивниот систем е легитимен и во согласност со Законот за енергетика, особено е во согласност со членовите 24, 28 и 29 од истиот. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) има законска надлежност да утврдува тарифен систем за дистрибуција на електрична енергија, при што со додавање или модифицирање на пресметковни елементи, обезбедува соодветни приходи за операторот на електродистрибутивниот систем. На 18 декември 2023 година, РКЕ воведе измена на тарифниот систем каде покрај веќе постоечките три елементи додаде нов пресметковен елемент именуван како „пристап на електродистрибутивна мрежа“,. Оваа измена имаше и има за цел фер распределба на трошоците поврзани со одржување и функционирање на електродистрибутивниот систем, без притоа да се зголемува цената на електричната енергија, што би ги погодило најсиромашните категории на домаќинства.
Иако еден дел од јавноста смета дека надоместокот претставува неправеден трошок, особено за сопствениците на објекти кои не се користат редовно, како втори домови или викендички, сепак, овој надоместок ги штити домаќинства кои редовно користат електрична енергија, спречувајќи притоа тие да ги субвенционираат трошоците на останатите групи на корисници. Со ова, тарифниот систем станува поправеден, осигурувајќи дека секој потрошувач го плаќа својот дел од трошоците за одржување на мрежата.
Оправданоста за воведување на овој надоместок се гледа во тоа што електродистрибутивниот систем е постојано во функција. Всушност се наплаќа подготвеноста на системот да ги задоволи потребите дури и на оние потрошувачи кои воопшто не користат електрична енергија оној момент кога ќе посакаат да можат да користат електрична енергија. Трансформаторите, кои ја напојуваат мрежата, трошат активна и реактивна енергија дури и во состојба на „празен ôд “. Тие загуби, заедно со трошоците за одржување на мрежата, читање на броилата, пресметката и доставувањето на сметките, претставуваат реални трошоци. Овие трошоци досега не беа соодветно наплатени од потрошувачите кои ретко или никогаш не користеле електрична енергија, а тоа се обично оние сопственици на објекти кои истите не ги користат редовно, или ги користат како втори домови или викендички, што всушност значеше дека потрошувачи кои живеат во само еден дом ги покриваа тие трошоци.
И воведувањето на блок тарифите за електрична енергија претставува системско решение кое ги распределува трошоците во зависност од нивото на потрошувачка, што овозможува фер и транспарентен пристап кон наплатата на електричната енергија. Оние кои се декларираат за домаќинства и се потрошувачи кои се снабдуваат од универзалниот снабдувач, а трошат повеќе електрична енергија затоа што во склоп на домот имаат работилници или други потрошувачи кои трошат повеќе електрична енергија, нормално е таа потрошувачка да ја плаќаат како и другите големи потрошувачи што всушност се случува бидејќи со количеството на потрошена електрична енергија влегуваат во третиот и четвртиот блок каде цената на потрошената електрична енергија е значително поголема и расте со зголемувањето на потрошувачката. Така првиот блок ги покрива основните потреби на домаќинствата, како што се осветлување, греење вода и употреба на основни апарати, по најниска цена; вториот блок опфаќа умерено зголемување на потрошувачката со соодветна цена, погодна за просечните домаќинства; додека третиот и четврти блок воглавном ги таргетира токму домаќинствата со висока потрошувачка, како оние со базени, џакузи мали работилници или други уреди со голема енергетска побарувачка, со значително повисока цена.
Верувам дека овој текст ќе помогне за разбирање на некои од надоместоците во сметките за електрична енергија за кои често се говори.