КОЈ САКА ДА ГО УНИШТИ ВОДОТЕКОТ НА Р. ЦРНА РЕКА ВО ДЕЛОТ НА СКОЧИВИРСКАТА КЛИСУРА И АКУМУЛАЦИЈАТА ХЕ „ТИКВЕШ”?

Ќе доживееме ли изградба на хидроцентралите во Македонија да бидат жртви на неконтролирана изградба на фотоволтаици и ветерни паркови?

ЈОРДАН СТАВРОВ – дипл.хид.инж. Проект менаџер во периодот на реализација на Физибилити студијата „Вардарска долина”

4/25/20251 мин читање

Имав прилика да го прочитам финалниот предлог – решение, од страна на комисијата формирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а во врска со дефинирање на димензиите на браната и максималната кота на акумулацијата ХЕЦ „Чебрен”.

Во составот на комисијата се избрани 12 доктори на наука, професори од електротехничкиот и машинскиот факултет од Скопје.

  • Како прво моја претпоставка е дека ниту еден од нив досега не бил во регионот на Мариово на самиот профил „Чебрен”.

  • Како второ дали се тие свесни дека гласаат и прифаќаат проект кој е работен врз основа на стари студии и подлоги од 1983 година, кои се невалидни и неважечки, бидејќи се работени по стариот Закон за води од нашата бивша држава?

  • Како трето дали некој од министерството (ЕСМ) треба кривично да одговара што 15 години нуди невалидна техничка документација и Македонија нема изградено хидроенергетски објект.

  • Како четврто заобиколено е здружението на Македонскиот комитет за големи брани – ЗМКГБ, заобиколен е одделот за хидротехника при градежниот факултет – Скопје, катедри за хидротехнички објекти – брани, катедра за хидрологија и екологија.

Исто така не е почитуван новиот Закон за води донесен и прифатен 2008 година и е идентичен со Законот за води во ЕУ.

Значи заобиколена е целата фела на хидроградежни инженери кои во оваа прва фаза ги поставуваат основите на еден хидротехнички објект или каскаден систем на хидроелектрани, каков е примерот на р. Црна Река при веќе постоечка брана ХЕ „Тиквеш”.

Заобиколен е и Институтот за земјотресно инженерство ИЗИИС-Скопје иако сите сме свесни за сеизмичките услови на подрачјето на Р. Македонија.

Јас мислам дека ова не може да биде случаен потег на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Не може да биде случајно 12 врвни интелектуалци енергетичари после 20 години неизграден капитален хидроенергетски објект и 15 пропаднати тендери, изработени врз база на идејниот проект од EXERGIJA – Грција, кој е невалиден, повторно се одлучуваат да гласаат за истиот проект со висока брана за ПАХЕ „Чебрен” од H=192m со пумпноакумулациона постројка.

Со овој проект фактички се уништува водотекот на р. Црна Река во Скочивирската клисура, како и веќе изградениот објект, односно акумулацијата на ХЕ „Тиквеш”.

Инаку за информација на читателите во Р. Македонија постои физибилити студија за проектот „Вардарска Долина”, каде многу детално е обработена долината на р. Црна Река, како десна притока на р. Вардар. При крајот на овој напис ќе биде дадено техничкото решение на каскадниот ситем на р. Црна Река, кое значајно се разликува од решението кое го предлага комисијата како финално решение. Физибилити студијата се работеше 5 години за целото сливно подрачје на р. Вардар со посебен осврт на р. Црна Река. Се работеше посебен софтвер за оптимизација на 60 постојни и новопроектирани објекти, кои одговараат на ЕУ Законот за води и еко-услови за заштита на водотоците како и водата во акумулационите простори. Физибилити студијата беше работена од страна на FDF- Франција која има изработено преку 750 брани! Материјалите се ревидирани од 5 доктори на науки, секој за соодветната проблематика и се препорачува на Владата на Р.М. да се продолжи со изработка на Идеен проект и тендер документација согласно резултатите од оптимизацијата.

На тој начин ние денес располагаме со една единствена валидна физибилити студија која одговара на европските критериуми за води, каде на прво место е користењето на водите за пиење и наводнување, а користење за енергетски потреби е на петто место. Максимално се почитува еколошката заштита и климатските промени. При тоа не доаѓа до физичко или било какво еколошко уништување на водотокот, а исто така постојната акумулација на ХЕ „Тиквеш” останува со сите постојни функционални карактеристики. Мариовскиот регион ќе може да се пошуми, озелени, ќе добие акумулационен простор во должина од 80 km, со максимална можност за развој на туризмот и енергетиката, преку изградба на 3 каскадни хидроелектрани.

Меѓутоа ЕСМ никако не може да ги прифати тие факти, бидејќи од секогаш држела монопол како над енергетиката, така и над водите и водостопанството и секогаш работела во свој интерес за поголемо производство на електрична енергија. На тој начин се манипулира со македонската јавност, стручните институции за изработка на своите стратешки програми за развој, а еве сега гледаме и преку „Републичката комисија за енергетика“ се манипулира со Владата на Р.М.

Некако во исто време додека ги пишував овие редови на порталот Рацин.мк се појави интервјуто на г-дин Бислимовски, претседател на комисијата за енергетика. Тој меѓу другото говори за поволностите за инвестирање во фотоволтаичните и ветерните електрани, како приоритет на стратегијата на државата, како и развојот на капацитети за батериски системи за складирање на електрична енергија од обновливите извори на електрична енергија.

Ова е многу битно поради тоа што во Македонија се изградија фотоволтаици за последните три години со моќност од околу 1000 MW, вклучувајќи ги ветерните паркови, малите хидроелектрани и биогасните електрани. Тоа е добро за портфолиото на една земја од една страна, но фотоволтаичните електрани и ветерните паркови како извори на електрична енергија не секогаш се предвидливи за да се води еден енергетски систем, а тој систем истовремено да биде стабилен.

За да се постигне стабилноста на системот потребно е паралелно да се градат батериски системи за складирање на електрична енергија, кои ќе се користат кога ќе нема сонце или ветер, а да се користат на пазарот на електричната енергија.

Во исклучително природни услови тука би можеле да се користат како батериски системи пумпноакумулационите хидроелектрани.

Треба да се потсетиме дека 40 години македонската енергетска независност се обезбедуваше во најголем дел од лигнитот во РЕК „Битола”, кој е веќе истрошен!

Сега македонската енергетска независност ќе ја обезбедуваме во најголем дел од фотоволтаичните електрани, а батерискиот систем ќе се обезбедува најверојатно од гасните електрани, кои треба да бидат изградени најмалку на две локации во Македонија. Една во Скопје како ТЕ-ТО и една на локацијата на ТЕ „Неготино”, каде ги има сите поволности за нивна реализација.

Ме изненадува фактот што претседателот на „Републичката комисија за енергетика“ во еден момент го спомнува ПАХЕ „Чебрен”, како можен батериски систем за складирање на електрична енергија од фотоволтаичните и ветерните електрани,иако и самиот нагласува дека за реализација на ПАХЕ „Чебрен” ќе бидат потребни најмалку 8-10 години. Во тој период јас сум сигурен дека ќе се изнајде пософистициран метод за батериските системи кои ќе бидат со минимални габаритни димензии, затоа што таа технологија од ден во ден напредува. Веќе во Јапонија се прават фотоволтаични панели, кои даваат илјада пати поголема моќност, со габарити од овие што ние денес ги монтираме.

Тој тука заборава на новиот Закон за користење на површинските води или на него влијаат манипулациите што ги прави ЕСМ со својата невалидна техничка и тендерска документација од грчката човек-фирма „EXERGIJA“ изработена во 2002 година, според стариот Закон за води, а истата е невалидна. ЕСМ за 20 години не најде начин да изготви обновена техничка документација врз база на физибилити студијата од проектот „Вардарска Долина” за делот кој се однесува р. Црна Река.

Да имаше некое одговорно и стручно лице во секторот за развој и инвестиции при ЕСМ досега ќе имаше изготвено соодветна техничка документација, а можеше за 20 години да биде изграден и ставен во функција целокупниот каскаден систем на р. Црна Река, со три нови хидроелектрани ХЕЦ „Скочивир“, ХЕЦ „Чебрен“ и ХЕЦ „Галиште“.

На почетокот на овој напис Ви ветив дека ќе биде дадено тех.решение на каскадниот систем на р. Црна Река.

Сливно подрачје на р. Црна Река

Сливното подрачје на р. Црна Река е многу специфично и мултифункционално. Водата се користи за: пиење, наводнување (на Пелагонија), индустријата за производство на храна, за еколошки потреби и на последно место за енергетски потреби.

Тоа значи голем број на спротивставени интереси за користење на водата, кои стручните служби и лица на ЕСМ - Развој не ги согледуваат или не сакаат да ги согледаат. За жал тие добиваат поддршка од стручни лица кои имаат финансиска корист од таа приказна за „Голем Чебрен”, а тука се вбројуваат и бројни професори.

Што можеме да согледаме на профилот „Чебрен”, кој се наоѓа на средината меѓу изворот на р. Црна Река и вливот во р. Вардар?

  • Средно годишниот проток на реката е сосема скромен Qsr=21,61 m3/s или 682.000.000 m3 ако сета вода во Пелагонија се користи за енергетски цели, односно потреби.

  • Но, ако сега направиме едно балансирање на водите во Пелагонија со помош на софтверот за оптимизација, ќе ги добиеме следните резултати на профил „Чебрен“:

    • · расположливи води на профилот 682.000.000 m3/ годишно

    • · вкупни потреби во Пелагонија 554.900.000 m3/ годишно

    • · повратни води 251.000.000 m3/ годишно

    • · биланс на води за електрична енергија 378.100.000 m3/ годишно

  • За да се наполни акумулацијата ХЕЦ„Голем Чебрен” ќе треба 3 години, а каде се низводните потреби за ХЕЦ „Тиквеш” и наводнување на Тиквешко поле

  • За да се изгради реално висока лачна брана ХЕЦ „Чебрен“ согласно резултатите од оптимизацијата со H= 120 m треба да се вгради меѓу 400.000 и 450.000 m3 бетон MB30. Оваа количина на бетон за нашата градежна оператива е сосема прифатлива и можна.

  • Активниот простор во акумулацијата од 133.000.000 m3 е можен и во средно влажна година, а еколошките услови се задоволени, бидејќи биодиверзитетот во акумулацијата е во граници на нормала.

  • При тоа не треба да се заборават заклучоците на студијата која е работена во периодот од 2006 год. за подрачјето на Пелагонија од страна на Институтот за климатски промени од Нова Горица, Словенија кои тврдат дека врнежите над Пелагонија до 2050 година ќе се намалат за 35%, а потребите од вода ќе се зголемат за 50%.

Заклучок

Согледувајќи ги сите овие проблеми изработувачот на физибилити студијата за проектот „Вардарска Долина” EDF и CNR Франција ја применува сета Европска законска регулатива за управување со водните ресурси на едно подрачје или слив и за енергетско решение во долината на р. Црна Река го предлага следното енергетско решение за објектите:

П.С. Овој текст го напишав со цел да им укажам на граѓаните од Тиквешијата, дека никој нема право да си игра и да ја уништува водата на р. Црна Река, во интерес на енергетиката поточно батериите за фотоволтаичните електрични централи. Водата за овој прекрасен и питом регион од Македонија живот значи!