ИНРМ ЈА РАЗОБЛИЧУВА РКЕ: КОЈ ГЛАСАШЕ ЗА ЗАДРЖУВАЊЕ НА ДАВАЧКАТА ОД 200 ДЕНАРИ?

ИНРМ, со поддршка од околу 2.800 граѓани, достави барање до секој член на РКЕ за индивидуално образложение за гласањето за надоместокот од 200 денари за пристап до електродистрибутивниот систем.

ИНРМ

12/12/20251 мин читање

Неформалната заедница „Инженери на Република Македонија“ (ИНРМ), заедно со околу 2.800 граѓани кои се приклучија кон иницијативата преку Фејсбук групата за разговор на ИНРМ, официјално достави барање до сите членови на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за индивидуално писмено образложение на нивното гласање во врска со укинувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до електродистрибутивната мрежа.

Иницијативата следи по одлуката донесена на седницата на РКЕ од 27 ноември 2025 година, кога Комисијата го усвои Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија без да ги избрише одредбите кои се однесуваат на овој надоместок, иако претходно беше доставена забелешка поддржана од над 2.700 граѓани, со јасно барање токму тие одредби да бидат отстранети.

Во доставеното барање, испратено до секој член на РКЕ поединечно, ИНРМ се повикува на член 12 став 5 од Статутот на РКЕ, кој овозможува секој член писмено да ги образложи причините за своето гласање. Од членовите се бара да наведат дали гласале „за“, „против“ или „воздржано“ по предлогот за укинување на надоместокот, како и да дадат кратко, јасно образложение за причините за нивната одлука.

Во барањето се потсетува и на јавното ветување на ВМРО-ДПМНЕ дека укинувањето на оваа давачка ќе биде една од првите мерки на новата власт – ветување дадено од тогашниот претседател на партиската Комисија за енергетика, а сега член на РКЕ, м-р Елена Маркова-Велинова. Иницијаторите истакнуваат дека ова претставува политичка и морална обврска кон граѓаните кои се директно погодени од овој надоместок.

Целта на ИНРМ и граѓаните кои ја поддржаа иницијативата е да се обезбеди поголема транспарентност и отчетност во работата на РКЕ, особено во одлуките кои директно влијаат врз финансиските обврски на потрошувачите.

ИНРМ побара членовите на РКЕ да ги достават своите образложенија на адресата contact@inzenerinarm.org, а доколку сакаат, нивните одговори може да бидат јавно објавени и на веб-страницата на Комисијата, согласно Статутот на регулаторната комисија за енергетика.