ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОЦЕНКА НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНТОСТ

Основна причина за оваа иницијативата е непримената на членот 185 став (2) од Законот за енергетика и во тоа што подзаконските акти (како што се Правилата за снабдување со електрична енергија) овозможуваат фактурирање врз основа на „проценета состојба“ – нешто што е во директна спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој наложува сметките да се базираат на реална, фактичка потрошувачка утврдена со отчитување на мерниот уред. Поради тоа се јавува потреба за итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преземање регулаторни и надзорни мерки против ЕВН поради незаконска пракса на паушално фактурирање, спротивно на одредбата од новиот Закон за енергетика и правата на потрошувачите. Па така ЕВН Хоме во фактурите што ги издава на потрошувачите без да се изврши корекција на било која одредба од членот 34 (Информации содржани во фактурата) на Правилата за снабдување со електрична енергија, воспостави графа „Начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба“, што сведочи дека и по влегувањето во сила на новиот закон за енергетрика продолжува практиката на проценето фактурирање.

ИНРМ

8/17/20251 мин читање

До:

УСТАВЕН СУД НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Ул. Кеј „Димитар Влахов“ бр.19, Скопје

Согласно член 23 од Актот на Уставниот суд и член 4 од Правилникот за електронско поднесување поднесоци до Уставниот суд ја поднесувам следната

ИНИЦИЈАТИВА ЗА ОЦЕНКА НА УСТАВНОСТ И ЗАКОНТОСТ

Предмет:

Со иницијативата се бара оценка на законитоста на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија (Сл. весник бр. 172/18, 138/19 и 159/22) затоа што е во спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика (Сл. весник бр. 101/25 и 135/25) и

се бара оценка на уставноста на целиот став (2) од членот 185 како и ставот (4) точка 2 од истиот член 185 во делот „особено во случај кога пресметката не е изготвена согласно реалната потрошувачка“ од Законот за енергетика (Сл. весник бр. 101/25 и 135/25) од аспект на заштитата на потрошувачите, еднаквоста пред законите и правната сигурност

Основна причина за оваа иницијативата е непримената на членот 185 став (2) од Законот за енергетика и во тоа што подзаконските акти (како што се Правилата за снабдување со електрична енергија) овозможуваат фактурирање врз основа на „проценета состојба“ – нешто што е во директна спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика, кој наложува сметките да се базираат на реална, фактичка потрошувачка утврдена со отчитување на мерниот уред. Поради тоа се јавува потреба за итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преземање регулаторни и надзорни мерки против ЕВН поради незаконска пракса на паушално фактурирање, спротивно на одредбата од новиот Закон за енергетика и правата на потрошувачите. Па така ЕВН Хоме во фактурите што ги издава на потрошувачите без да се изврши корекција на било која одредба од членот 34 (Информации содржани во фактурата) на Правилата за снабдување со електрична енергија, воспостави графа „Начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба“, што сведочи дека и по влегувањето во сила на новиот закон за енергетрика продолжува практиката на проценето фактурирање.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Со влегувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, снабдувачот со електрична енергија е обврзан фактурите до потрошувачите да ги издава исклучиво врз основа на реално измерена потрошувачка. Ова значи дека фактурирањето мора да се заснова на реално извршено мерење, односно на податоци прибрани од мерниот уред преку отчитување од страна на операторот. Ова е експлицитно утврдено во член 185 став 1, според кој мерењето се врши преку мерен уред, а отчитувањето го врши операторот на системот. Според ставот 2 од истиот член, доколку мерењето не е можно, фактурата може да се издаде врз основа на претпоставена вредност, но само ако не е можно мерењето.

Членовите 167, 185 и 189 од Законот за енергетика го дефинираат мерењето како активност што мора да резултира со реален и точен податок добиен преку мерен уред. При тоа мора да се има предвид дека „мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање. Исклучоци кои го оправдуваат издавањето на фактури врз основа на претпоставена вредност се дозволени само кога мерењето не може да се изврши поради техничка неисправност или оштетување на мерниот уред. Секое друго отстапување, особено она кое произлегува од субјективни причини како неотчитување, организациски пропусти, непојавување на службено лице или административен пропуст, веќе не претставуваат дозволен основ за паушално фактурирање.

Продолжувањето на примената на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија во момент кога стапува во сила новиот Закон за енергетика, е во директна спротивност со членот 185. Евентуалната неговата понатамошна примена нема да претставува само технички пропуст, туку ќе е сериозна повреда на уставните и законски заштитени права на потрошувачите. Регулаторната комисија, како надлежен орган е должна да обезбеди примена на новиот закон и да го спречи понатамошното оштетување на граѓаните. Примената на член 31 од подзаконскиот акт и дозволувањето на фактурирање врз основ на проценета потрошувачка кога не е извршено отчитување, а без притоа да се бара техничка причина за неисправноста на мерниот уред е правно неодржливо, бидејќи согласно член 51 од Уставот сите прописи мора да бидат во согласност со законите, а подзаконските акти губат правна сила кога им се спротивставуваат.

Иако според член 46 од Законот за енергетика Регулаторната комисија за енергетика е независно тело, таа е должна да обезбеди доследна примена на законите и е обврзана да не применува или толерира подзаконски одредби што се во спротивност со Законот. Постапката за измена на Правилата за снабдување со електрична енергија, започната на 20 март 2025 година, мора итно да заврши со укинување на членот 31 бидејќи уставното начело на владеење на правото и правната сигурност го наложуваат тоа (член 8 од Уставот).

Праксата на паушално фактурирање, е во спротивност и со член 32 од Законот за заштита на потрошувачите, кој предвидува издавање на точна, проверлива и реална сметка, но и со член 59 кој пропишува дека сметките за јавни услуги мора да се засноваат на објективни, мерливи податоци. Паушално фактурирање без реално мерење ги нарушува овие основни принципи и ја попречува можноста на потрошувачот да ја следи и оспори фактурираната потрошувачка.

Во овој контекст, продолжената пракса на ЕВН за издавање фактури врз основа на проценета потрошувачка, без реално мерење и без оправдана техничка причина за неисправност на мерните уреди, преставува повреда не само на законите, туку и на суштинските обврски кои ЕВН Австрија ги има преземено во 2006 година, со договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ. Во договорот се предвидува обезбедување на квалитетна, точна, модернизирана и транспарентна услуга, во согласност со македонското законодавство. Од потпишувањето на тој договор до денес поминати се речиси 20 години, што претставува исклучително долг временски период во кој ЕВН, како инвеститор, имал доволно време да ги испорача највисоките стандарди на квалитет, модернизација на системите, обезбедување на точно мерење, редовно отчитување и правична наплата.

Пренесувањето на трошоците за исполнување на овие законски обврски врз потрошувачите преку тарифи или дополнителни наплати е правно и етички неприфатливо. Таквото префрлување на трошоците претставува прикриен обид за легитимирање на обврски што операторот веќе ги има преземено по сила на лиценца и закон. Според член 59 од Законот за заштита на потрошувачите, тие мора да можат да го следат и проверат фактурираниот износ врз основа на објективни податоци.

Понатаму, според членовите 5, 9 и 12 од Законот за облигациони односи, трговецот (ЕВН) е должен да постапува совесно и чесно и не смее да ги префрлува последиците на своето дејствување на штета на другата договорна страна. Во конкретниот случај, системски наметнатата пракса на паушално фактурирање без контрола и можност за проверка може да се третира и како злоупотреба на доминантна позиција, што е забрането со член 55 од Уставот. Истовремено таа претставува и суштинска повреда и неисполнување на обврските од договорот за купопродажба на 90% од акциите на ЕСМ, па Регулаторната комисија за енергетика има должност да иницира преиспитување или раскинување на договорот согласно членовите 124 и 133 од Законот за облигациони односи. Овие позиции на Регулаторната комисија за енергетика се засилени и со уставните одредби: член 8 од Уставот го истакнува владеењето на правото, социјалната правда и заштитата на човековото достоинство како темелни вредности; член 51 го наложува почитувањето на Уставот и законите и член 55 ја гарантира заштитата на потрошувачите и забраната на монополско однесување.

Покрај наведената спротивност меѓу член 31 од Правилата за снабдување и член 185 од Законот за енергетика, дополнително укажувам на следните аномалии:

Член 122 од Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија[1] (Сл. весник бр. 191/19, 101/22, 68/24 и 106/25) предвидува дека операторот на дистрибутивниот систем (ОДС) има право да го исклучи корисникот и поради неплатени обврски кон ОДС или по барање на снабдувачот. Тоа значи дека доколку сметката е изготвена врз основа на проценета потрошувачка, која може да биде неточна или повисока од реалната, потрошувачот може неправедно да се најде во категорија „должник“ и да биде исклучен од системот. На тој начин проценетото фактурирање не е само техничко прашање, туку има директна последица врз уставното право на сопственост, правна сигурност и еднаков пристап до јавна услуга.

Членовите 160–167 од Мрежните правила јасно утврдуваат дека мерните податоци треба да бидат: реални, измерени и собрани преку уреди (чл. 160, 162); проверени и потврдени (чл. 163); обработени и достапни за наплата (чл. 164); со задолжителна синхронизација на времето според средноевропско време (чл. 162 став 3).

Допуштањето на фактурирање врз основа на проценета состојба (која не произлегува од мерниот уред, туку од „историски податоци“) е спротивно на овие одредби. Тоа ја нарушува и обврската за точност, доверливост и сигурност на мерењето, како суштински елемент на правната заштита на потрошувачите.

На тој начин се создава правна несигурност: потрошувачот нема можност да ја оспори фактурата врз основа на реално измерени податоци, туку се става во зависна положба од процена на снабдувачот. Тоа е спротивно на член 8 од Уставот (владеење на правото) и на член 55 од Уставот (заштита на потрошувачи и забрана на монопол).

Законот за енергетика во член 311 пропишува рокови за донесување на подзаконски акти (9 и 18 месеци), но во став 3 изрично утврдува дека до нивното носење се применуваат подзаконските акти донесени врз основа на стариот закон. Сепак, примената на старите акти е дозволена само во делот кој не е во спротивност со новиот закон.

Тоа значи дека таму каде што законот веќе прецизно уредил прашање – како што е случај со член 185 став (2) (фактурите задолжително да се врз основа на отчитани податоци) – новата законска норма има предност и е веднаш применлива.

Со тоа, членот 31 од Правилата за снабдување (кој дозволува проценето фактурирање) не смее да се применува, бидејќи директно противречи на законот.

Повикувањето на чл. 311 за „потреба од нови подзаконски акти“ не може да биде оправдување за непочитување на законот. Правната сигурност и владеењето на правото налагаат во случај на колизија да се применува законот, а не подзаконскиот акт.

Од сето погоре изнесено произлегува дека:

  1. Член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија е во директна спротивност со член 185 став (2) од Законот за енергетика;

  2. Член 185 став (2) и став (4) точка 2 од Законот за енергетика содржат одредби кои создаваат правна несигурност и можност за дискриминаторна положба на потрошувачите, особено во случај на проценето фактурирање;

  3. Примената на подзаконски одредби кои овозможуваат фактурирање врз основа на проценета состојба претставува повреда на уставното начело на владеење на правото, правната сигурност и заштитата на потрошувачите;

  4. Ваквата практика може директно да доведе до неправедно исклучување на потрошувачите од системот, што е спротивно и на член 122 од Мрежните правила, кој овозможува исклучување поради неплатени фактури, дури и кога истите се спорни и врз основа на процена.

Врз основа на член 51 и член 55 од Уставот, како и на член 110 алинеја 2 од Уставот, барам:

  • Уставниот суд да ја поништи одредбата од член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, поради нејзина спротивност со Законот за енергетика;

  • Уставниот суд да ја преиспита уставноста на член 185 став (2) и став (4) точка 2 од Законот за енергетика во делот кој дозволува фактурирање врз основа на претпоставени вредности;

  • Со одлука на Судот да се наложи доследна примена на Законот за енергетика и да се спречи понатамошна пракса на паушално фактурирање спротивно на реално измерената потрошувачка.

Со донесување на ваква одлука, Уставниот суд ќе обезбеди заштита на потрошувачите, правна сигурност и усогласеност на подзаконските акти со законите и Уставот, како и доследно почитување на темелните вредности на уставниот поредок – владеење на правото, правна еднаквост и социјална правда.

Во Скопје, 17.08.2025 година

[1] Во официјалниот текст на Мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија постои сериозна неуредност: недостасуваат членовите 67–71, како последица од измените на Мрежните правила (Сл. весник бр. 68/24). Ова отвора сомнеж за нецелосно интегрирање на измените и дополнувањата во консолидираниот текст, што претставува повреда на принципот на правна сигурност и јасност на прописите, така и евентуалното неточно цитирање на членовите од Мрежните правила во овој текст може да е последица токму на ваквата неуредност.