ГРЕЕЊЕ СО ДРВА, ДА ИЛИ НЕ?

Греењето со дрва е традиционален начин за загревање на домовите, но со зголемувањето на загадувањето на воздухот, сè повеќе се поставува прашањето дали е тоа најдобриот избор. Додека дрвото се смета за обновлив извор на енергија, неговото согорување, особено во урбани средини, придонесува за високи нивоа на штетни честички и јаглероден моноксид, особено ако се користи влажно дрво. Во урбаните подрачја, согорувањето на огревно дрво е еден од главните виновници за загадување во зимските месеци. Старите печки и неквалитетно сушеното дрво дополнително ја влошуваат ситуацијата, зголемувајќи ги емисиите на PM-10 и PM-2.5 честички кои се штетни за здравјето. За да се намали ова загадување, се предлагаат алтернативи како инвертер клима уреди, печки на пелети и природен гас. Дополнително, сушењето на дрвата пред употреба и подобрувањето на ефикасноста на печките може значително да го намали загадувањето. Во руралните средини каде што условите за складирање и сушење на дрва се подобри, користењето на дрва може да остане прифатлива опција, но само ако се следат добри практики за нивно согорување. Најдобар начин за максимално искористување на дрвото би бил во постројки за комбинирано производство на топлина и електрична енергија, наместо директно согорување во домаќинствата. На крајот, одговорот на прашањето „Греење со дрва, да или не?“ зависи од условите и контекстот. Во градовите, преминот кон поеколошки решенија е неопходен, додека во руралните области греењето со дрва може да остане дел од традицијата, но со модернизација и подобра ефикасност.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор Машински факултет - Скопје

11/15/20241 мин читање

Граѓаните на Скопје и на другите поголеми градови во Република Македонија (РМ) се сведоци на големо загадување на воздухот во текот на грејната сезона. Утврдено и докажано е дека главна причина за тоа е користењето на дрва за загревање на домовите. Затоа, Министерството за економија и некои локални самоуправи решија повремено да даваат субвенции за замена на старите печки на дрва со клима уреди (со инвертер) или замена со нови печки на пелети. Се работи за ограничен број субвенции по системот “прв дојден - прв услужен“.

Во врска со загадувањето на воздухот во градовите се преземаат и дополнителни зафати со изградба на гасоводи речиси низ целата држава. На тој начин голем број на домаќинства ќе можат во иднина да користат природен гас за греење на домовите наместо дрво за огрев. Инаку, до градот Скопје е изграден гасовод уште од 1998 година, но домаќинствата не користат гас бидејќи не е изградена дистрибутивна мрежа.

Од горенаведеното може да се заклучи дека дрвото за огрев го загадува воздухот и треба да се избегнува, а природниот гас е еколошко гориво бидејќи се инвестира во инфраструктура (цевководи) за негово масовно користење во РМ. Почитувани читатели, ова е сосема погрешна перцепција која се создава преку голем број јавни медиуми, но и од конфузната состојба во енергетиката во нашата држава.

Дрвото е обновлив извор на енергија?!

Кај растенијата во природата, со помош на јаглерод-диоксид (CO2) од воздухот и водата од почвата, дел од сончевата енергија постојано се трансформира во биомаса преку процес на фотосинтеза. Значи, дрвото е органска материја која настанува со фотосинтеза при што се ослободува кислород во атмосферата, а јаглеродот се складира во дрвната маса. Ако тоа дрво согорува подоцна, тоа всушност го ослободува овој складиран јаглерод.

Со ова толкување се согледува улогата на дрвото во однос на климатските промени. Бидејќи количеството на јаглерод-диоксид (СО2) емитирано при согорување на дрвото е еднакво на количеството на СО2 што дрвото го асимилирало за време на неговиот раст, тоа значи дека е климатски неутрално. Но ова тврдење не е 100% прецизно бидејќи кај огревното дрво се користи фосилно гориво и електрична енергија при транспорт, сечење и сл.

Според Обединетите Нации (ОН) огревното дрво е обновлив извор на енергија бидејќи дрвјата постојано растат (шумата се обновува). Но денес во глобални рамки, користењето на огревно дрво не е одржливо бидејќи повеќе се троши отколку што расте. Состојбата е различна во разни региони и држави. На пример, во Европа има пораст на шумските површини во последниве децении.

Во една држава се вели дека дрвото е обновлив извор на енергија ако годишниот прираст на дрвна маса е поголем од намалувањето од сеча на дрвјата и другите загуби на шумите. Прирастот на дрвната маса се остварува најмногу по природен пат со растење на дрвјата и самоникнување на нови млади дрвца. Но во прирастот допринесува и државата со планско пошумување со нови насади и повремени доброволни акции на граѓански здруженија.

Намалување на дрвната маса е резултат на планско сечење на дрвјата со цел дрвото да се користи, но исто така и од непредвидливи појави како што се шумски пожари и неконтролирана нелегална сеча.

Шумите (дрвјата) во Република Македонија

Според податоци од државното претпријатие Македонски шуми (сега се води со ново име: Национални шуми), 32,8% од нашата земја е обрасната се шумски површини од кои 255.445 хектари се високостеблести шумски насади, 546.180 хектари нискостеблести и околу 33.000 хектари во вид на џбунести растенија.

Ресорниот министер даде изјава (во ноември 2023) дека има планирано во следниот период секоја година да се засадуваат 1.500 хектари нови шумски површини во РМ.

Според Македонскиот трет двогодишен извештај за климатските промени (од 2020 г.) вкупниот годишен прираст на дрвна маса од шумите во РМ е околу 1,7 милиони m3. Тоа значи дека шумите во РМ апсорбираат повеќе СО2 отколку што се емитува СО2 од согорување на дрво. Има неколку исклучоци во годините 2000, 2007, 2012 и 2021, тие биле со негативен биланс поради огромните шумски пожари. На ова има влијание и појавата на нелегална сеча, но да се надеваме дека тоа е во многу мал процент во однос на вкупната дрвна маса.

На кој начин се користи огревното дрво и зошто се јавува големо загадување од неговоото користење

Многу корисници на огревно дрво не постапуваат правилно при манипулирањето со дрвата и при ракување на опремата за согорување. Затоа, понатаму ќе бидат дадени неколку објаснувања и совети на оваа тема.

Првин неколку податоци за дрвото за огрев (во состојба: природно сушено).

Тоа содржи приближно 43% јаглерод, 36% кислород, 5% водород, 15% вода и 1% пепел. Неговата калориска вредност е 4,0 до 4,3 kW/kg.

При согорување на дрвото се постигнува температура од 700 до 1000 °C, кај дабот и буката околу 1000 °C. Во димните гасови има јаглерод-диоксид (CO2) и водена пареа. Во случај на нецелосно согорување се создава и јаглерод-моноксид (CO), катран и саѓи.

Влагата во огревното дрво е непожелна (голем проблем)

Свежо исеченото дрво има вода околу 50% и тоа никако не смее да се користи веднаш за горење. Огревното дрво мора да биде суво со соджина на вода од 15 до 20%. Ако огревното дрво е влажно над 20%, огнот не се разгорува како што треба и често се гаси. Дел од топлината се троши за испарување на водата наместо да се развие поголем пламен и повисока температура. А водената пареа излегува со димните гасови, и тоа е загубена топлина. При вакво неквалитетно согорување се таложат саѓи и материја слична на катран, притоа можна е појава на пламен во оџакот и опасност од пожар. При согорување на влажно дрво емисиите на честичките ПМ-10 и ПМ-2,5 се значително поголеми.

Периодот на сушење на дрвото за постигнување на 15 до 20% влажност зависи од типот на дрвото. Кај меките дрва (бор, ела, топола и сл.) тоа е 6 до 12 месеци, а кај тврдите дрва (даб, бука, јавор и сл.) е над 12 месеци. Дрвото може да се суши на отворен простор, но да биде покриено заради заштита од врнежи, може под натстрешница или во сув затворен простор со провев (не во влажен подрум). Најдолниот ред да не се става директно на земја за да се спречи скапување. Во влажно дрво постои веројатност да има инсекти и ларви кои може да бидат внесени внатре во домот.

Со цел да се информирам подобро за тоа дали во РМ граѓаните користат суво или влажно огревно дрво, испратив допис до јавното претпријатие Македонски шуми (Национални шуми) барајќи информација за тоа какво дрво продаваат / испорачуваат. Лицето за односи со јавност ми одговори дека немаат информации за тоа прашање и ме упати да се обратам до нивните подружници што ги има речиси во сите градови во државата. Се јавив на три подружници и добив слични одговори дека тие не обрнуваат внимание на влажноста на дрвата. За нив е важно да обезбедат огревно дрво (сеча, транспорт, складиште), да го продаваат на граѓаните, а испораката е за две до десет недели според извршено плаќање. Значи, тие не испорачуваат суво дрво. Соодветното сушење на дрвото треба да си го организираат самите купувачи. Но најголемиот број од нив не се информирани за содржината на вода во дрвата и не се свесни дека тоа е едно од најбитните работи за да се има успешно греење со огревно дрво.

Во Стратегијата за енергетски развој на енергетиката на РМ е наведено дека над 60% од домовите користат дрво како основно гориво за греење, а според Заводот за статистика на РМ тоа се 253.000 домаќинства. А знаеме дека во текот на грејната сезона скоро сите градови во РМ имаат многу загаден воздух, па може да се заклучи дека главна причина за тоа е греењето со влажно дрво. Оваа практика мора да се смени, а за тоа треба да се погрижат сите засегнати страни: корисниците на огревно дрво, снабдувачите (Македонски шуми и др.), локалните самоуправи и државата. Прв чекор е информирање на граѓаните, како правилно да се користи огревното дрво, каде и како да се складираат дрвата за нивно сушење, итн. На прв поглед изгледа дека тоа е едноставна работа, но не е така. На пример, услови за складирање / сушење на дрва имаат само оние домаќинства што живеат во индивидуални куќи (имаат дворови), а кај колективните станбени згради нема такви услови. Голем проблем е релативно долгиот период потребен за сушење, особено кај тврдите дрва како што се даб и бука кои се употребуваат најмногу кај нас. Се разбира дека може и мора да се најде некое решение за овој проблем. Според мое мислење, најдобро е сушењето на дрвото да го вршат Македонски шуми во соодветно изградени складишта со поголем капацитет.

За да се избегне загадување на воздухот потребно е да се знае и дека при греењето со дрво треба да се користи само нетретирано, чисто дрво. Доколку дрвото е обработено со боја, лак или слични премази, тоа не треба да се употребува за горење бидејќи тогаш се ослободуваат токсични материи кои можат сериозно да наштетат на здравјето на луѓето. Значи, никако горење на делови од намештај, столарија, (лакиран) паркет и слично.

Некои специфичности и совети при греењето со дрва.

За да има добро согорување на дрвото во печката, потребен е постојан довод на свеж воздух и непречен излез на димните гасови, односно да има промаја која се остварува низ ложиштето и оџакот. При недоволно присуство на свеж воздух са јавува неквалитетно согорување и тогаш се таложат саѓи и материја слична на катран. Притоа е можна појава на пламен во оџакот и опасност од пожар. За таа цел потребно е чистење на оџакот, и тоа да се прави најмалку еднаш годишно.

Во однос на цените на горивата, дрвото има предност бидејќи цената на огревното дрво е стабилна. Кај другите горива, како што се природниот гас, нафтата и мазутот, цените се берзански и во некои периоди се многу високи. Истото важи и за цената на електричната енергија на отворен пазар. Покрај тоа, цената на огревното дрво во РМ е релативно ниска, па затоа најголем број граѓани го користат токму тоа гориво. Но на цената на огревното дрво треба да се додадат и трошоците за транспорт, сечење и цепење на соодветни (помали) парчиња.

Околу 10% од шумите во РМ се во приватна сопственост и тоа е причина голем дел од сопствениците на шуми да користат огревно дрво.

Во споредба со другите начини на греење, при користењето на дрвото за огрев има и дополнителни работи, а тоа се: секојдневно носење на дрва до печката, ставање внатре во ложиштето, потпалување секое утро, неможноста за прецизна регулација на собната температура, чистење на пепел и др.

Печките на дрва произведени пред 20 и повеќе години се со неефикасно согорување и треба итно да се заменат. Ова особено се однесува за своерачно (нестручно) направените печки и т.н. ќумбиња. Денес на пазарот има печки со многу поголема ефикасност во споредба со старите.

Некои корисници во домовите имаат вградено отворен камин заради специфичниот амбиент што го посакуваат. Отворениот камин е најнеефикасниот начин за да го загреете домот со огревно дрво, и плус се врши големо загадување на воздухот. Затоа, препорачувам каминот да не се користи како основен начин за греење на домот, туку да се користи само во исклучителни случаи, на пример во празници и сл.

Некои локални самоуправи даваат субвенции на населението за купување на огревно дрво. Оваа практика треба да престане, а субвенциите за греење да се пренасочат во еколошки одржливи решенија.

Користењето на дрвени пелети не е опфатено во овој напис. Тоа е подобро решение отколку класичното греење со дрва во форма на цепеници, но е многу помалку применето од граѓаните најмногу заради повисоката цена.

Бидејќи при согорување на дрвото се постигнува температура од 700 до 1000 °C (кај дабот и буката околу 1000 °C), штета е дрвото да се користи за греење на простории каде што се бара температура од само 20 °C. Топлинската енергија од околу 1000 °C може да се користи за производство на електрична енергија во термоцентрали. Но уште подобро, дрвото може да се користи во постројка со комбинирано производство на топлина и електрична енергија (те-то). Овие постројки може да бидат со различен капацитет. На пример за некоја јавна установа (50 до 100 кW), и за топлификација на некоја поголема населба (неколку МW). Притоа може да се користи и отпадно дрво, но проблем е собирањето и транспортот на дрвото до постројките. Во Стратегијата за енергетика на РМ е предвидено изградба на те-то од 15 МW на биомаса (дрво) до 2040 година. Според мое лично мислење може да се изградат уште неколку, но со помал капацитет.

Дрвата со подебело стебло нормално е првин да се обработат и користат во градежништво, столарија (врати и прозорци), намештај и др. Неупотребливите остатоци и отпадоци во вид на ситни парчиња (во форма на чипс) треба да се употребат за согорување во те-то постројки и за индустриски намени. На таков начин може да се употребат и отпадоците што се создаваат при сечење на дрвата во шумите, а тоа се сите големи и мали гранки.

Во РМ дрвото е обновлив извор на енергија со исклучок во годините кога има чести и огромни шумски пожари. Тоа значи дека користењето на дрво за огрев може да се користи, но не на начин како што тоа се прави денес. Факт е дека во РМ огревното дрво ќе се користи и понатаму на традиционален начин, но тогаш е пожелно дрвото да биде соодветно исушено и печките да бидат со голема енергетска ефикасност.

На крај да одговорам на прашањето од насловот, “Греење со дрва, да или не?“ Одговорот е: “да и не“.

  • “Не“ во градовите бидејќи условите се такви што се создава загадување на воздухот.

  • “Да“ ако со употребата на огревното дрво не се загадува воздухот (на пример во рурални средини), а притоа се користи соодветно исушено дрво и квалитетни печки со голема енергетска ефикасност.

  • Дрвените пелети се подобро решение во споредба со традиционалното огревно дрво во вид на цепеници.

  • Но најцелисходно е дрвото да се употребува во те-то постројки (за комбинирано производство на топлина и електрична енергија).

Се разбира дека ова важи само ако во земјата има одржливо управување со шумите.