ГОДИШНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ, НАДЕЖ ИЛИ НОВА НЕИЗВЕСНОСТ?
Годишната конференција за климатски промени COP29 се одржува во Баку, Азербејџан, од 11 до 22 ноември. Организирањето на ваков настан во земја чиј приход главно доаѓа од извоз на фосилни горива е контроверзно, што предизвикува дебати за конфликт на интереси. Сличен случај беше забележан и на COP28 во Дубаи. Главните теми на COP29 вклучуваат финансии за климата, ажурирање на националните придонеси за намалување на емисиите, како и усогласување на биодиверзитетот и климатските мерки. И покрај напорите и заклучоците од минатите самити, реалниот напредок е ограничен, особено во спроведувањето на плановите за обновлива енергија и намалување на емисиите на стакленички гасови. Очекувани се спротивставени ставови помеѓу богатите и сиромашните земји, особено во однос на распределбата на финансиската помош. Европската Унија останува најголемиот донатор за климатско финансирање, но се бара усвојување на нови финансиски цели за да се овозможат значајни инвестиции во земјите во развој. Конференцијата ќе се обиде да постигне консензус за новите мерки, но исходот останува неизвесен, при што е можно продолжување на преговорите и по официјалниот крај на настанот.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор Машински факултет – Скопје, Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)
11/12/20241 мин читање
Од 11 до 22 ноември се одржува годишната конференција за климатски промени СОР29 во Баку, Азербејџан. Мене не ми е јасно како дојде до ова, државата која над 90% од своите приходи ги остварува од извоз на нафта и гас да организира ваков настан. Ова е конфликт на интереси од меѓународен карактер бидејќи нафтата и гасот се фосилни горива, а тие се главни причинители за климатските промени. Иронијата да биде поголема, претседавач со самитот е Мухтар Бабаев, министер за екологија и природни ресурси на Азербејџан, кој претходно бил на високи управувачки функции во нафтената индустрија. Исто така, познати се најави дека оваа земја има планови да ја прошири својата индустрија за фосилни горива и да го зголемува извозот.
Извесна сличност постои со минатогодишната конференција СОР28 која се одржа во Дубаи, ОАЕ. Во земја каде што исто така главниот приход се остварува од извоз на фосилни горива. Претседавач на тој самит беше султанот на ОАЕ кој изјави дека постепеното исфрлање на фосилните горива нема да овозможи одржлив развој „освен ако не сакате да го вратите светот во доба на пештерите“. Веднаш имаше остра реакција во јавноста, но тоа беше бргу заборавено.
Да се потсетиме на заклучоците од последниот самит СОР28, тие се:
Тројно зголемување на капацитетот за обновлива енергија на глобално ниво и удвојување на подобрувањата на енергетската ефикасност до 2030 година;
Постепено намалување на термоелектраните на јаглен;
Транзиција од фосилните горива во енергетските системи, на праведен начин;
Забрзување на технологии со нула и ниски емисии: обновливи извори на енергија итн;
Намалувањето на емисиите од патниот транспорт преку развој на инфраструктура и брзо воведување на возила со нула и ниски емисии; итн.
Од денешна гледна точка дали има успех во спроведувањето на овие заклучоци? Нема потреба да го коментирам одговорот бидејќи се гледа од временските катастрофи во целиот свет.
На овогодишниот самит како основа за работа се зема Парискиот договор за климатски промени од 2015 година. Според него секоја земја треба до Обединетите Нации (ОН) да поднесува документ наречен “Национално определени придонеси“ (Nationally determined contributions = NDC) и тоа на секои пет години. Во него има извештај за состојбата, особено за емисиите на стакленички гасови, планирани акции за нивно намалување како и мерки за адаптација.
Темите на кои ќе се дискутира на COP29 вклучуваат:
Финансии за климата - новата финансиска цел, позната како нова колективна квантифицирана цел (NCQG) која треба да биде усвоена. Ова треба да се надоврзува на одлуката од 2009 година според која се предложи фонд за помош од 100 милијарди долари годишно со важност до 2025 година, а во пракса не се спроведува целосно.
Ажурирани национално определени придонеси (NDC) – климатски акциони планови за намалување на емисиите и прилагодување на влијанијата врз климата. NDC треба да се ажурираат од ноември 2024 г. до февруари 2025 година.
Усогласување на биодиверзитетот и климата.
Усогласување на спецификите на глобалната цел за адаптација.
Треба да се одбележи изјавата на извршниот секретар на UNFCCC, Сајмон Стил, кој истакна дека „климатските финансии не се добротворни цели, туку во личен интерес на сите страни. Ако две третини од нациите во светот не можат да си дозволат да ги намалат емисиите, секоја нација ја плаќа цената“. Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави: “COP29 мора да се согласи со нова финансиска цел што ќе отклучи трилиони долари што им се потребни особено на земјите во развој. Цената на климатската неактивност е превисока“.
Треба да се истакне фактот дека Европската Унија е најголемиот глобален придонесувач во финансирањето на климата, обезбедувајќи 28,6 милијарди евра јавно финансирање за климата во 2023 година и дополнителни 7,2 милијарди евра приватни финансии за да им помогне на земјите во развој да ги намалат емисиите на стакленички гасови и да се прилагодат на климатските влијанија.
На конференцијата во Баку се очекуваат над 50 илјади регистрирани учесници, лани во Дубаи имаше над 100 илјади. Ќе присуствуваат високи политички претставници, како што се претседатели на држави и влади, министри, разни институции, претставници од разни компании вклучувајќи ги оние што имаат бизниси со фосилни горива, разни граѓански организации и др. Таму учествува и висока делегација од Република Македонија на чело со претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Како и на претходните самити и тука се очекуваат спротивставени ставови, особено од земјите и компаниите кои се големи производители и извозници на нафта и гас. Сиромашните земји кои имаат симболично учество во емисиите на стакленички гасови, а трпат огромни штети од климатските промени, ќе бараат повеќе финансиски средства како помош, но богатите земји ќе си го гледаат својот интерес иако се главните виновници за големите емисии на СО2 преку нивните развиени индустрии.
Иако конференцијата треба да трае до 22 ноември, вообичаено како во минатите години да се продолжи за еден до два дена заради усогласувања на различните ставови и барања, се прават компромиси за да се донесат заеднички заклучоци. Дали во во нив ќе има надеж или нова неизвесност ќе видиме по завршетокот на овој многу значаен собир.