ЕВН ПО АВТОМАТИЗАМ НА 3 МЕСЕЦИ МОРА ДА УСОГЛАСИ ПАУШАЛНА СО РЕАЛНА ПОТРОШУВАЧКА И ДА ИЗДАДЕ КОРИГИРАНА ФАКТУРА - ПОДНЕСЕНИ СЕ ПРЕТСТАВКА И БАРАЊЕ ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Алармирани се институциите за потребата од почитување на член 185 став (2) од Законот за енергетика („Службен весник на РМ“, бр. 101/2025): „…фактурата изготвена врз основа на претпоставена потрошувачка еднаш на три месеци се усогласува со реалната потрошувачка и се издава коригирана фактура за соодветниот пресметковен период…“

ИНРМ

9/11/20251 мин читање

ДО:

Државен инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини

Ул. Јуриј Гагарин бр. 15, 1000 Скопје

Државен пазарен инспекторат

ул. Луј Пастер бр. 1, кат 3, 1000 Скопје

БАРАЊЕ ЗА ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР

Од: ИНРМ Е-маил: contact@inzenerinarm.org;

Предмет:

Барање за спроведување инспекциски надзор поради неправилности во фактурирањето на електрична енергија со примена на противзаконска практика на фактурирање по „проценета (претпоставена) потрошувачка“ и неиздавање на коригирани фактури по автоматизам, спротивно на член 185 став (2) од Законот за енергетика

Почитувани,

Во рамки на вашите надлежности, барам да извршите инспекциски надзор врз работата на снабдувачот со електрична енергија (ЕВН Хоум), со цел:

  1. Да се утврди дали постои прекршување на законската обврска за издавање на коригирани фактури по автоматизам.

  2. Да се утврди можноста потрошувачите да бидат неоправдано оштетени со тоа што нивната реална потрошувачка се префрла во повисоки тарифни блокови.

  3. Да се преземат мерки согласно надлежностите доколку се утврдат неправилности.

Образложение:

Во јуни и јули 2025 година голем број потрошувачи добија фактури за електрична енергија изготвени врз основа на проценета состојба („М“), со пониски вредности на потрошена електрична енергија во високата тарифа.

Во септември 2025 година, по извршеното реално отчитување на броилата („О“) и порамнување, целата разлика од претходните месеци беше префрлена во еден пресметковен период. Ова доведе до тоа значителен дел од потрошувачката да биде пресметан во повисоки тарифни блокови, со што на потрошувачите им беа фактурирани повисоки износи од реалните.

Иако снабдувачот со електрична енергија (ЕВН Хоум) има евиденција за реалната потрошувачка, таа автоматски не ја врши корекцијата на нереално фактурираните износи туку, издавањето на коригираната фактура со намалени износи се реализира само ако потрошувачите индивидуално поднесат приговор и побараат исправка.

Барањето за спроведување на инспекциски надзор првенствено е затоа што снабдувачот со електрична енергија (ЕВН Хоум) не ја исполнува својата законска обврска да издава коригирани фактури по автоматизам за секој засегнат месец:

· Член 185 став (2) од Законот за енергетика („Службен весник на РСМ“, бр. 101/2025):

„…фактурата изготвена врз основа на претпоставена потрошувачка еднаш на три месеци се усогласува со реалната потрошувачка и се издава коригирана фактура за соодветниот пресметковен период…“

Чл.185 ст.2:
По две издадни фиктивни фактури, третата мора по автоматизам ЕВН да ја издаде коригирана за тримесечен пеииииииириод

При согледувањето на наводите од ова барање треба да се земат предвид следните законски и подзаконски одредби:

· Одредбите од членовите 32 и 59 од Законот за заштита на потрошувачите каде што е наведено дека фактурите мора да бидат точни, проверливи и засновани на реални податоци, а јавните услуги мора да се фактурираат врз основа на објективни и мерливи податоци.

· Одредбата од членот 10 став (5) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Сл. весник на РСМ“, бр. 246/2023) каде е наведено дека пресметковен период по правило е 30 дена.

· Одредбата од Правилата за изменување на правила за снабдување со електрична енергија („Сл. весник на РСМ“, бр. 159/2022) каде е наведено дека ... операторот на електродистрибутивниот систем ВРШИ О Т Ч И Т У В А Њ Е на мерните уреди најмалку еднаш квартално во текот на календарската година... и

· Одредбата од член 185 став 2 од Законот за енергетика („Сл. весник на РСМ“, бр. 101/2025) каде е наведено дека: Во случај кога за пресметковниот период НЕ Е ИЗВРШЕНО М Е Р Е Њ Е на потрошената електрична енергија од операторот на соодветниот систем, снабдувачот ја изготвува фактурата врз основа на претпоставена потрошувачка...

Наведените законски и подзаконски одредби се истакнати за да се направи јасна дистинкција помеѓу термините „Отчитување“ и „Мерење“, бидејќи

· мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а

· „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање.

Со стапувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, каде што законодавецот експлицитно уредил дека фактурите мора да се базираат на реално отчитани податоци, законската норма има предност и непосредна примена. Оттука, повикување на било кои подзаконски акти како што се одредбите од членот 31 од Правилата за снабдување (кој дозволува фактурирање врз основа на процена) не може повеќе да се применува, бидејќи е во директна колизија со законот. Исто така и повикувањето на член 311 од Законот за енергетика, кој предвидува донесување нови подзаконски акти, не може да биде оправдување за непочитување на законот. Владеењето на правото бара во услови на колизија да се применува законот, а не подзаконскиот акт, особено во случај како овој кога подзаконскиот акт е продукт на закон кој што престанал да важи.

Врз основа на сето претходно наведено барам со инспекцискиот надзор да се утврдат неправилностите во фактурирањето на електрична енергија поради примената на противзаконската практика на фактурирање по „проценета (претпоставена) потрошувачка“ и да се утврди неиздавање на коригирани фактури по автоматизам, што е спротивно на член 185 став (2) од Законот за енергетика, а против прекршителот на овие законски одредби да се преземат соодветни мерки

Со почит,

ИНРМ

Скопје 09.09.2025 година

ДО:

Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

Ул. Македонија бр. 27, 1000 Скопје

Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад

Ул. Македонија бр. 25, Палата Лазар Поп Трајков 1000 Скопје

ЕВН Македонија, АД Скопје

Ул. Лазар Личеноски бр.11, 1000 Скопје

Врз основа на член 3 и 4, а во врска со член 2 од Законот за постапување по претставки и предлози („Службен весник на РМ“ 6р. 82/08) ја поднесувам следната

ПРЕТСТАВКА

ЗА ЗАШТИТА И ОСТВАРУВАЊЕ НА ЈАВНИТЕ ИНТЕРЕСИ УТВРДЕНИ СО ЗАКОН И ЗА ПОВЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВА ОД ЈАВЕН ИНТЕРЕС

Од: ИНРМ Е-маил: contact@inzenerinarm.org;

Предмет:

Барање за доследна примена на Законот за енергетика поради утврдени неправилности во фактурирањето на потрошената електричната енергија со противзаконска примена на проценета (претпоставена) потрошувачка и неиздавање на коригирани фактури по автоматизам, што е спротивно на член 185 став (2) од Законот за енергетика.

Почитувани,

Оваа претставка е известување и истовремено барање за преземање на мерки од Ваша надлежност поради утврдени неправилности во начинот на фактурирање на потрошената електрична енергија од страна на снабдувачот ЕВН Хоум, при што граѓаните добиваат фактури изготвени врз основа на „проценета (претпоставена) потрошувачка“. Дополнително, иако според член 185 став (2) од новиот Закон за енергетика снабдувачот е должен по службена должност да издаде коригирани фактури со реалната потрошувачка, тоа не се спроведува по автоматизам, туку само доколку потрошувачот индивидуално поднесе приговор.

Оваа практика е спротивна на законските одредби и доведува до неоправдано зголемени сметки за електрична енергија, нарушување на правичноста во тарифниот систем и фактичко префрлање на последиците од организациските пропусти на снабдувачот со електрична енергија (ЕВН Хоум) на товар на крајните потрошувачи.

Со оглед на тоа што Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за енергетика ја имаат обврската за надзор и контрола на спроведувањето на Законот за енергетика, а ЕВН како снабдувач со електрична енергија е директен извршител на овие законски обврски, потребно е синхронизирано сите да преземат итни мерки за доследна примена на законските решенија и заштита на правата на потрошувачите.

Образложение:

Во месеците јуни и јули 2025 година снабдувачот со електрична енергија (ЕВН Хоум), на голем број на домаќинства им има издадено фактури врз основа на проценета потрошувачка (ознака „М“), бидејќи не беше извршено редовно отчитување на броилата.

Со издавањето на августовските фактури според извршено реално отчитување (ознака „О“), целата разлика од претходните „проценети“ фактури беше префрлена во еден пресметковен период. Ваквата практика придонесе значителен дел од реалната потрошувачка да се пресметува во повисоките блок тарифи што очигледно дека ги доведува потрошувачите до финансиска неправда, правна несигурност и нарушување на довербата во коректноста на издадените фактури.

Со оглед дека оваа појава може да се повторува и во иднина (особено во зимските месеци кога фактурираните износи се прилично големи) потребна е доследна примена на член 185 став (2) од Законот за енергетика („Службен весник на РСМ“, бр. 101/2025):

„…фактурата изготвена врз основа на претпоставена потрошувачка еднаш на три месеци се усогласува со реалната потрошувачка и се издава коригирана фактура за соодветниот пресметковен период…“

Законот јасно наложува дека снабдувачот е должен по автоматизам да издава коригирана фактура, без да се остава на потрошувачите да поднесуваат индивидуални приговори.

При согледувањето на наводите од оваа претставка треба да се земат предвид следните законски и подзаконски одредби:

· Одредбите од членовите 32 и 59 од Законот за заштита на потрошувачите каде што е наведено дека фактурите мора да бидат точни, проверливи и засновани на реални податоци, а јавните услуги мора да се фактурираат врз основа на објективни и мерливи податоци.

· Одредбата од членот 10 став (5) од Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Сл. весник на РСМ“, бр. 246/2023) каде е наведено дека пресметковен период по правило е 30 дена.

· Одредбата од Правилата за изменување на правила за снабдување со електрична енергија („Сл. весник на РСМ“, бр. 159/2022) каде е наведено дека ... операторот на електродистрибутивниот систем ВРШИ О Т Ч И Т У В А Њ Е на мерните уреди најмалку еднаш квартално во текот на календарската година... и

· Одредбата од член 185 став 2 од Законот за енергетика („Сл. весник на РСМ“, бр. 101/2025) каде е наведено дека: Во случај кога за пресметковниот период НЕ Е ИЗВРШЕНО М Е Р Е Њ Е на потрошената електрична енергија од операторот на соодветниот систем, снабдувачот ја изготвува фактурата врз основа на претпоставена потрошувачка...

Наведените законски и подзаконски одредби се истакнати за да се направи јасна дистинкција помеѓу термините „Отчитување“ и „Мерење“, бидејќи

· мерење“ значи технички процес на регистрирање на потрошената електрична енергија преку мерен уред кој е стандардизиран и проверен, а

· „отчитување на мерен уред“ е акцијата на прибирање на измерените податоци од мерниот уред од страна на операторот (рачно или автоматски), која потоа служи како основа за фактурирање.

Со стапувањето во сила на новиот Закон за енергетика на 29 мај 2025 година, каде што законодавецот експлицитно уредил дека фактурите мора да се базираат на реално отчитани податоци, законската норма има предност и непосредна примена. Оттука, повикување на било кои подзаконски акти како што се одредбите од членот 31 од Правилата за снабдување (кој дозволува фактурирање врз основа на процена) не може повеќе да се применува, бидејќи е во директна колизија со законот. Исто така и повикувањето на член 311 од Законот за енергетика, кој предвидува донесување нови подзаконски акти, не може да биде оправдување за непочитување на законот. Владеењето на правото бара во услови на колизија да се применува законот, а не подзаконскиот акт, особено во случај како овој кога подзаконскиот акт е продукт на закон кој што престанал да важи.

Врз основа на сето претходно наведено потребно е да се утврдат неправилностите во фактурирањето на електрична енергија поради примената на противзаконската практика на фактурирање по „проценета (претпоставена) потрошувачка“ и да се утврди неиздавање на коригирани фактури по автоматизам, што е спротивно на член 185 став (2) од Законот за енергетика, а против прекршителот на овие законски одредби да се преземат соодветни мерки.

Со почит,

ИНРМ

Скопје 09.09.2025 година