ДАЛИ ВО СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА ЗА КУЌЕН СОВЕТ ТРЕБА ДА БИДЕ НАПЛАТЕНА КОМУНАЛНА ТАКСА ЗА ЈАВНО ОСВЕТЛУВАЊЕ?

Со оглед дека секое домаќинство поединечно во фактурата за електрична енергија ја плаќа оваа такса, а во членот 3 од Законот за комунални такси определено е дека Комуналната такса за користење и одржување на јавно осветлување ја плаќа секој имател на броило од категоријата „домаќинство” и секој имател на броило од категоријата „останата потрошувачка”, се поставува логично прашањето: Зошто повторно истата се наплатува и со сметката за куќен совет во зградите? Заклучно со крајот на 2023 година вкупниот број на станбени згради кои се управувани од управител или заедница на сопственици изнесува 7.582, покажуваат податоците на Регулаторната комисија за домување, според кој податок околу 300.000 евра годишно можеби неосновано се земаат за Комунална такса за јавно осветлување со сметките за електрична енергија за Куќните совети.

дипл. маш. инж. Дениз Мустафаоглу

3/15/20251 мин читање

Одговорот е ДА!

Законот за комунални такси предвидува дека: Комуналната такса се плаќа за користење и одржување на јавно осветлување, а под корисник на јавно осветлување се подразбира секој имател на броило од категоријата „домаќинство” или „останата потрошувачка“ и таксата се плаќа врз основа на типот на потрошувачите и нивната потрошувачка.

Дали броилото на куќниот совет подлежи на обврската за плаќање на таксата, зависи од два критериума:

  1. Дали постои броило? и

  2. Во која категорија спаѓа потрошувачот?

Во колективните згради за домување, броилото за заедничка електрична енергија (за осветлување на заеднички простории, лифтови, хидрофори и сл.) е засебен потрошувач и подлежи на комунална такса. Единствената дилема е како тоа броило е категоризирано од универзалниот снабдувач на електрична енергија. Така според Тарифниот систем донесен од Регулаторната комисија за енергетика на 17 ноември 2023 година, во категоријата „домаќинства“ спаѓа и потрошувачката на електрична енергија за:

  • Заеднички уреди и опрема во повеќестанбените објекти (лифтови, хидрофори, противпожарни уреди, безбедносно осветлување и сл.).

  • Осветлување на заеднички простории (скали, ходници, пералници, подруми и сл.).

  • Енергетски ефикасни системи за греење, ладење, вентилација и санитарна топла вода во повеќестанбени објекти.


Оттука се доаѓа до заклучок дека броилото за куќниот совет е засебно броило и е категоризирано во групата „домаќинства“, па согласно Законот за комунални такси, тоа подлежи на плаќање на комунална такса за јавно осветлување.