ДАЛИ НЕТОЧНИОТ ЧАСОВНИК НА БРОИЛАТА Е СЛУЧАЈНОСТ ИЛИ СИСТЕМСКА ПРАКСА НА ЕВН?
Забележано отстапување во синхронизацијата на реалното време кај струјомерите што може да доведе до неправилна пресметка на потрошувачката и повисоки сметки. Дополнително, кај бројни корисници броилата се физички поставени така што не се видливи, што ја оневозможува контролната функција на потрошувачите. Според Законот за енергетика, ЕВН е должна да овозможи визуелен пристап, во спротивно е предвидео да плати глоба до 3.000 евра.
ИНРМ
7/1/20251 мин читање


Соочени сме со сериозни сомнежи во точноста на мерењето на потрошувачката на електрична енергија, и алармираме за појава која може да прерасне во скандал од јавен интерес.
Наш сограѓанин побара помош од нас бидејќи најпрво имал визуелно недостапно броило, а кога по неколку години му е овозможен визуелен пристап до струјомерот забележал дека истото има отстапување од цели два часа во синхронизацијата со реалното време.
Ваквото отстапување директно влијае врз пресметката на потрошувачката, особено на разликата помеѓу високата и ниската тарифа. Ако вградениот часовник е неточен, апаратите во домаќинството можат да работат во скапа тарифа и тогаш кога корисникот мисли дека е евтина и на тој начин сметките стануваат неоправдано повисоки.
Ова отвора сериозна дилема: Дали намерно се оневозможува визуелен пристап до броилата со нивно поставување во заклучени ормани и нивно физичко поместување така што екраните не се видливи? Ако потрошувачите не можат сами да проверат што покажува броилото, како можат да знаат дали плаќаат правично?
Според новиот Закон за енергетика, член 164 став (1) точка 19, операторот ЕВН е должен да овозможи визуелен пристап до мерните уреди. За прекршување на оваа обврска, член 286 предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра. Сметаме дека е време оваа одредба да почне да се применува.
Дополнително, според европскиот стандард за Општи барања за софтверски контролирани мерни инструменти (OIML D31:2023), секое електронско броило мора да има точно и синхронизирано време и токму тоа време е основа за поделбата меѓу скапа и евтина тарифа, за архивирање, билансирање и анализа на потрошувачката. Ако тоа е неточно, тогаш сите последователни мерења се доведуваат во прашање.
Апелираме до сите потрошувачи да го проверат времето на своето броило и да забележат дали тоа се совпаѓа со реалното време. Ако не, фотографирајте го дисплејот со точен датум и час и поднесете претставка до ЕВН, Регулаторната комисија за енергетика, и пријава до Државниот инспекторат за енергетика и Државниот пазарен инспекторат.
Проблемот не е само технички, туку и правен. Доколку овие отстапувања се покажат како системски, ќе мора да се бара колективна ревизија на фактурите, обештетување на граѓаните и одговорност од сите вклучени институции.
Точната сметка не е привилегија – туку законско и потрошувачко право.