АПЕЛ: ПОМОГНЕТЕ ИМ НА РАНЛИВИТЕ ДА ДОБИЈАТ ПОДДРШКА ЗА СТРУЈА!
Да не дозволиме социјалната неправда да продолжи само затоа што процедурите се комплицирани.
ИНРМ
8/4/20251 мин читање


Почитувани колеги инженери, техничари, информатичари и добри луѓе што се снаоѓате со документи, обрасци и институционални постапки,
Министерството за енергетика отвори јавен оглас за финансиска поддршка на ранливи потрошувачи на енергија – програма која предвидува месечна субвенција од 1.000 денари на сметката за струја, во траење од 12 месеци.
Но, овој оглас може да не допре до оние на кои им е најпотребен, бидејќи процедурата за аплицирање е сериозен товар за овие луѓе. Тоа се лица со тешка интелектуална или телесна попреченост, со целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, лица кои најчесто немаат пристап до интернет или пак не можат самостојно да пополнат формулари, да соберат документи, да одат до нотар или испратат поштенски плик.
Затоа апелираме:
Ако во вашето соседство, село, зграда или помеѓу вашите родни и пријатели има лице или семејство што може да биде корисник на оваа поддршка понудете им помош. Помогнете им да аплицираат! Тоа што за Вас ќе биде само 2 часа работа, за некое сиромашно, глуво или слепо лице е непремостлива бариера.
Постапката бара: Преземање на формуларите од www.energy.gov.mk, прибирање и фотокопирање на сметки, лични карти и решенија, Нотарски изјави и поштенска испорака во затворен плик,
Рокот за пријавување е 30 дена од објавата на огласот. Да не дозволиме социјалната неправда да продолжи само затоа што процедурите се комплицирани.
П.С.
Според податоците од Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства се опфатени со оваа поддршка. Тоа значи дека над 90% од потенцијалните корисници нема ниту да аплицираат и тоа не затоа што не исполнуваат услови, туку затоа што нема да бидат во состојба да го совладаат техничкиот процес.