Зошто е значаен Чебрен? Зошто не е изграден до сега? Зошто определени партии не ни даваат поддршка? Зошто сега ни текнало Македонија да биде сопственик на Чебрен?

На 11 ноември учествував на трибина на која се обидов на еден близок до народот начин да ги појаснам случувањата околу Чебрен, цената на електричната енергија и да дадам одговор на прашањата: Зошто Чебрен не е изграден до сега? Зошто определени партии не ни даваат поддршка? Зошто сега ни текнало Македонија да биде сопственик на Чебрен? Зошто е значаен Чебрен? Поради технички проблеми, видео запис од трибината не е презентиран, па моето излагање текстуално го пренесувам преку овие медиуми. Се трудев да користам терминологија која ќе биде блиска до јавноста, за да бидат работите појасни

ЧЕБРЕНЦЕНА НА ЕЛЕКТРИЧНАТА ЕНЕРГИЈАФОТОВОЛТАИЦИ

Дениз Мустафаоглу

11/28/20231 мин читање

Откако пред две години се случи Македонија да врши ненајавено преземање на електрична енергија од европската мрежа и плаќањето неколку десетици милиони евра за тоа и откако видов кој профили на едукација имаат луѓето кои се наоѓаат на клучните позиции на електроенергетските компании, сфатив дека, нас енергетичарите не има малку и дека мораме да бидеме гласни за да се санираат некои состојби со енергетиката во Македонија. Тогаш и се приклучив на групата Здружение на инженери на Република Македонија и тука преку разни дебати за актуелни теми се обидувавме, да наоѓаме решенија на проблемите во инженерските сфери, но искрено кажано поради актуелноста, нај повеќе се ангажиравме во енергетиката.

Владата на половината на септември донесе одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река. Тогаш ние почнавме со дебата во нашата група. Но јасно беше дека нашите ставови и размислувања тешко можат да дојдат до јавноста, па направивме акција „Чебрен и водите мораат да бидат Македонски“. Медиумите ги пренесоа нашите ставови, но сепак релевантни информации не стигнуваат до медиумите и јавноста не може да се запознае со реалната штета од давањето на Чебрен на странци.

Ние сме инженери и не можеме да очекуваме некаква масовност, затоа што не има малку. И кога ќе се собереме таа бројка ќе биде 10 до 15 луѓе. Но нема други компетентни енергетичари во Македонија кои можат да реагираат за ова што се случува. Населението не може да ја дознае вистината бидејќи и се сервираат информации каде зборовите се бирани за да се сокрие вистината.

Текстот ќе биде во насока да ја запознавам јавноста со проблемите со струјата, како настанале, до каде се дојдени, каде е Чебрен во приказната и ќе дадам неколку одговори на прашања кои се актуелни околу Чебрен деновиве. Како на пример: Зошто не е изграден до сега? Зошто определени партии не ни даваат поддршка? Зошто сега ни текнало Македонија да биде сопственик на Чебрен? Зошто е значаен Чебрен? и слично.

Поради глобалното затоплување, државите во рамки на обединетите нации донесуваат одлука дека треба да се справиме со глобалното затоплување, за што причина се стакленичките гасови помеѓу кој е и јагленородниот диоксид. Па се носи тој протокол познат како протокол од Кјото и голем број држави се потписнички на истиот, но не се Америка Кина и Австралија.

Потоа сме потписнички и на Парискиот договор кој има за цел да го намали глобалното затоплување за два степени целзиусови.

Овие договори и протоколи како држава не обврзуваат но честопати, забораваме дека согласно тие протоколи и договори, развиените држави си преземале обврска да им помагаат на ваквите држави како нашата да ги достигнат барањата во тие договори и протоколи.

За што всушност се работи?

Сонцето зрачи и зраците доспеваат до површината на земјата. Дел се впиваат, но еден дел се одбива и се враќа назад кон атмосферата. Тие зраци кои се враќаат треба слободно да поминат низ атмосферата, но сега стакленичките гасови, пред се јагленородниот диоксид како огледало ги враќа тие зраци назад кон површината на земјата и поради тоа се случува зголемување на температурата на планетата.

Е токму тоа сакаат да го спречат државите и затоа се овие протоколи и договори. Како ќе се случи тоа? Тоа ќе се случи со намалување на согорувањето на јаглен, мазут, нафта, бензин и сл. Што се викаат фосилни горива. Затоа во поново време се субвенционираат климите – инверторите, има субвенции за велосипеди, електрични автомобили и сл. Но една од обврските кои Македонија ја презема е да не произведува повеќе електрична енергија користејќи јаглен. И тоа треба да го направи до 2030 година

Нам некако добредојдено ни беше тоа бидејќи и онака ги исцрпивме резервите на јаглен во Битола, па го прифативме тоа некако “здраво за готово”.

Од сите фосилни горива јаглен нафта мазут и сл., природниот гас најмалку загадува па многу капацитети наместо мазут, јаглен и сл. ги преадаптираат системите на природен гас. Природниот гас беше и сеуште е многу поефтин.

И Македонската идеја беше таква - да се премине на гас - Гасификација на Македонија.

Паралелно со гасификацијата ќе градиме ветерници и сончеви панели, но првенствено размислувавме за гас.

Гасот е посебна приказна затоа што тука главен играч е Русија. Па има гасоводи кој ја снабдуваат Европа. Главниот – најголемиот минува низ Украина. Но Америка сака да го продава својот гас во Европа и сл.

Токму поради тој гас се случи војна во Украина. И тоа ги поремети работите во енергетиката во Европа. Сега полека стигнуваме кон тоа зошто Чебрен порано не се изградил.

Сега мала дигресија

Како струјата има висока цена? Струјата порано не беше берзански производ. Знаете дека кога нешто е на берза може вештачки да му се подига цената.

Струјата за да стане берзански производ најпрво ја поделија на три сегменти. Производство пренос и дистрибуција. Кај нас тоа се посебни субјекти: ЕСМ, МЕПСО и ЕВН.

Сега секој што произведува струја, како производ си ја нуди струјата на берза. Ние и Европа нај повеќе се ориентираме според цените на унгарската берза Хупекс, но од скоро имаме и наша македонска берза на струја.

Значи почна војната во Украина, секна евтиниот руски гас и американците сега со бродови испорачуваат гас на Европа, бидејќи во Европа се’ е гасифицирано па и производството на струја.

Но сега тој гас, американскиот е скап, затоа што се вади од земјата, па се втечнува па се складира во балони, па се транспортира, па се враќа повторно во гасовита состојба и се вбризгува во системот. Со оглед дека со гасот се произведуваше струја низ Европа (пред се’ мислам на Германија), цената на струјата почна да се зголемува. И тоа многу дури и за 10 пати цената на струјата стана повисока.

Германија без оглед што е потписничка на Кјото и Париски договор, таа почна да ги расклопува ветерниците за повторно да ги отвора рудниците за јаглен и да ги враќа гасните термоцентрали да работат на Јаглен. НЕМА ЕКОНОМСКИ РАЗВОЈ БЕЗ ЕНЕРГИЈА.

Паралелно со тоа почнаа интензивно да се поставуваат соларни панели насекаде за да може да се зголеми производството на струја, за да се компензира недостатокот на природен гас од Русија за производство на струја.

Она што треба да знаете е дека струјата се троши оној момент кога се произведува. И нема некој ефикасен начин на складирање на струјата. Затоа кога се појави недостаток на струја од некое место што требало да произведува струја, системот треба брзо – скоро автоматски да реагира да го надомести тој недостаток. Тоа кај нас, а и во светот се прави со хидроцентралите. Тие се најбрзиот начин како да се компензира недостатокот на струја во мрежата.

Затоа таквата струја ја викаме струја за балансирање. Хидроцентралите не можат бескрајно да произведуваат струја туку само онолку колку што има вода во акумулацијата, и затоа оваа вода се штеди и се користи тогаш кога има недостаток од струја. Струјата која континуирано се троши се произведува постојано но на друг начин. Таа кај нас се произведува во РЕК Битола од јаглен. Поради јагленот РЕК Битола треба да се затвори до 2030 година.

Откако се случи ова зголемување на цената на струјата поради војната во Украина и увозот на американскиот гас, кај нас почнавме многу бргу да поставуваме сончеви панели. Ги поставувавме поради две причини, едната е да заштедиме, да си користиме сопствена струја, а втората е да пробаме да заработиме и да продаваме струја.

Државата како потписничка на Кјото и Парискиот договор, почна да стимулира изградба на системи за производство на струја од обновливи извори. Но бидејќи е тоа со добра заработувачка, наместо тие системи да ги гради државата, таа им дозволи на приватници – луѓе кои имаат пари да градат речиси насекаде такви системи. Па така имаме мали хидроцентрали кои не се државни, имаме ветерни паркови исто така приватни, полиња со сончеви панели на приватни лица и сл. Сето тоа нам ни се преставува како некаква домашна или странска инвестиција, а не како продажба на територијата на Република Македонија. Бидејќи такви капацитети не можат да се изградат било каде, туку токму на местата каде има сонце, каде има воден потенцијал, каде има ветер, каде има можност за транспорт на струјата...

Повторно скриено од народот, државата на овие инвеститори им гарантира откуп на произведената струја. Тие не можат ништо да загубат. Но тука не застануваат. Тие произведуваат една количина, но слободни се да продадат повеќе отколку што произведуваат на начин што ќе си купат струја по одредена цена од берза и овде ќе си ја продадат и нивната произведена од фотоволтаиците или малите хидроцентрали заедно со струјата која ја купиле на берза.

Така кај нас се појавија многу дилери на струја, покрај државниот ЕСМ.

Ајде сега малку за домашната струја

Има два вида, индустриска и струја за домаќинства. Цената на индустриската струја е онаа што е цена на берзата, а цената на струјата за домаќинствата е помала - социјална, затоа што државата како социјална помош обезбедува поевтина струја за домаќинствата и бара од ЕСМ да произведе таква струја и да им ја даде на домаќинствата по производствена цена. Ако ЕСМ не произведе струја и таа ќе купи од берза. Но повторно на домаќинствата ќе им даде евтина струја, ќе работи со загуба, само за да се одржи социјалниот мир.

Но за фабриките тоа не важи. Тие си купуваат струја од слободниот пазар, од берза преку посредници.

Овие дилери, кои имаат мали хидроцентрали или полиња со сончеви панели, сакаат да ја продадат струјата во оние часови кога е најскапа, па затоа испуштаат вода низ малите хидроцентрали во тие часови, а пак тие со фотоволтаиците размислуваат да инвестираат во батерии каде ќе ја складираат струјата за да ја продадат кога ќе биде најскапа. Тие батерии се литиум јонски имаат рок на траење 10 години. Скапи се, габаритни се, и не се знае како ќе се рециклираат.

Сега доаѓа моментот кога станува актуелен Чебрен. Со тоа што географијата му дозволува да се направат две езера: едно пониско, а едно повисоко, Чебрен ќе може истовремено и да произведува и да складира струја и тоа на начин што кога има евтино произведена струја и голема количина, таа струја ја користи за префрлање на водата (за пумпање) од долното езеро во горното, а кога струјата ќе биде скапа и со добра цена, водата ја пропушта низ турбините од горното езеро во долното за да произведува струја. Овој процес се вика реверзибилен процес.

Токму поради тоа Чебрен стана актуелен бидејќи може на еден природен начин да врши складирање на струјата.

Порано Чебрен не беше толку актуелен затоа што немавме толку фотоволтаици. Реверзибилноста се планираше, но ако се градеше нуклеарна централа. Цената за изградба не е мала, но Чебрен е пред се водостопански објект. Водата пред се’ ќе се употребува за водоснабдување, полевање на земјоделски површини, за пиење и сл. А произведената струја е само 4% од потребите за струја на Македонија. Реверзибилноста го прави овој објект актуелен. Сите држави се соочуваат со проблемот на складирање на струјата од фотоволтаиците кои масовно се поставуваат и уште помасовно ќе се поставуваат во периодот кој следи.

Сега уште една контрадикторност додека се зборува за производството на струја. Кога владините поддржувачи говорат за количеството на произведена струја тие ги користат термините ДОМАШНО ПРОИЗВОДСТВО и УВОЗ. Нормално населението ќе помисли дека тука има некаква разлика, но всушност нема. Без разлика дали е увозна струјата или купена од домашен производител кој не е ЕСМ цената е иста: скапа – берзанска.

Наше домашно, она што е народно, се само хидроцентралите, РЕК Битола, РЕК Осломеј, и сл. Другото не е наше. Другото се купува без разлика дали е физички во Македонија или надвор од неа. Ова е причината зошто Чебрен не е изграден до сега и зошто сега е актуелен и зошто сакаме Чебрен да биде Македонски - државен, а не приватен или странски.

Во времето кога се носеа изборните програми не беше цената на струја висока. Некојпат беше поевтино да купиме увозна струја од берза отколку да ја произведеме во РЕК Битола. Затоа тогаш и можевме да кажеме дека хидроцентралата Чебрен може да ја гради кој сака и да стопанисува со неа, па после нека ни ја остави нам на Македонија.

Но од изборите до сега како што објаснив во воведниот дел работите во светот и во енергетиката многу бргу се променија. Верувам дека ако сега партиите би пишувале изборна програма во истата не би стоело дека Чебрен треба да се гради со јавно-приватно партнерство, туку би пишувало дека треба да го изгради самостојно Република Македонија.

Ние сме погани на јазик кога се трудиме да водиме меѓупартиски војни па се’ што е наназад направено, кажано запишано е како на камен изделкано и како да не може да се промени.

Времињата во кои живееме многу нагло и бргу ги менуваат состојбите и треба да се прилагодуваме кон тоа. Затоа мислам дека целото население треба да даде поддршка Чебрeн да биде Македонски, не треба да се држиме до тоа што било запишано во програмите или кој прв напишал нешто поубаво.

Населението е можеби поделено по партии, но Македонија и интересите на Македонија се нешто што не може да се дели тоа е она што не обединува.

Во моментот неискуството го направи своето. Брзоплето некој решил да го завршува деценискиот проект Чебрен, не гледајќи дека пред многу кратко време условите во сите тие силни стратегии, планови, програми и проекти се променети од темел.

Сега им е проблем да ретерираат, а мислам дека и тие се свесни дека погрешиле и дека ова е нешто со што треба да се закити Македонија за да има можност за економски развој, бидејќи Чебрен е доходовен проект.

Генерален проблем во инвестициите во Македонија не е само Чебрен туку начинот на кој се даваат површините - територијата. Која е разликата дали некоја територија за изградба на хидроцентрала мала или голема или за изградба на поле за сончеви панели или за изградба на ветерен парк се дава на користење 60 години или на 500 години? Ако гледаме така тогаш може да кажеме дека територијата на Македонија била дадена под концесија 500 години во минатото.

Кога треба да реагираме?

Изговорот дека Македонија нема пари, па мора да се даваат делови од територијата на приватници е неприфатлив. Кога ќе реагираме? Треба ли некој да дојде да каже дека ќе гради огромен хотел на Охридско, па да му го дадеме на користење Охридско езеро, а ние како учесници во јавното – приватно партнерство бидејќи немаме пари ќе го внесеме и Преспанското езеро. Тогаш ли ќе реагираме?

Ова со Чебрен е така направено. Никој не објаснува кој е тој што проценил дека токму 60 години треба да се издаде. Што прави разлика ако е 500 годни, или 70 години или 40 години?

На 30 години се менува машинската опрема во хидроцентралите, која има голем процентуален идел во цената за изградба на хидроцентралата. А после 60 години хидроцентралите се сметаат за пензионирани.

Поради сето ова Чебрен мора да биде Македонски и Македонија да стопанисува со него!