Голем ХЕ „Чебрен“ е голема грешка

Под итно треба да се поништи тендерот изработен врз база на застарениот проект од „Exergija“ (Грција) и да се прифати варијантата од физибилити студијата „Вардарска долина“ изработена од FDF (Франција), каде што ХЕ „Чебрен“ е со реални и со оптимизирани димензии.

ЧЕБРЕН

Јордан Ставров - слободен печат

11/17/20231 мин читање

Здружението на енергетичарите на Македонија (ЗЕМАК) на 2 ноември годинава организираше панел-дискусија на тема: Презентација на проектот ПАХЕ „Чебрен“. Составот на панелистите беше импозантен, професори, доктори на науки, магистри, членови на МАНУ. Презентација на проектот даде новиот директор на ЕСМ за развој и инвестиции Виктор Андонов, доскорашен советник за енергетика во актуелната Влада. Тој млад господин најмалку пет пати го повтори прашањето: Зошто во периодот од 20 години, 14 распишани тендери за ПАХЕ „Чебрен“ останале нереализирани? Значи, човекот бара одговор. На читателите што си го поставуваат ова прашање, ќе се потрудам да им го дадам вистинскиот одговор.

Пред два месеца конечно беше реализиран последниот распишан и прифатен тендер од грчката фирма PPC. Отпадна понудата на EDF од Франција која била противкандидат, а во исто време таа е еден од авторите на физибилити студијата за „Вардарска долина“. Како стручно лице сакам да истакнам дека EDF е фирма што има проектирано и изградено повеќе од 700 брани во Франција и насекаде по светот, а за PPC морам да бидам искрен никогаш не сум чул, иако е во нашето соседство. Вредноста на објектот ХЕ „Чебрен“ е проценета на една милијарда евра, а другите услови наводно се грчката страна да ја добие на користење 60-70 години, а наш влог е браната ХЕ „Тиквеш“.

Во 1994 година беше изготвена програма во која е поставена конфигурацијата на 16 енергетски објекти во сливното подрачје на Вардар (6 акумулациони и 10 каскадни хидроелектрани). Врз база на постојни проекти и студии се дефинираше еден концепт за изработка на физибилити студија за проектот „Вардарска долина“ во која влегува и водотекот на Црна Река. Студијата ја изработија EDF и CNR од Франција и таа има две основни цели.
Првата цел е природните богатства на Македонија вклучувајќи ги водните ресурси што уживаат посебна заштита, да се користат рационално. Ова ја наметна потребата од дефинирана стратегија, односно од изготвување проект или „менаџмент план“ за интегрално користење на водниот потенцијал на Македонија. Со еден таков интегрален проект ќе се усогласат спротивставените интереси за користење на водата и на просторот во сливот на Вардар. Досега таков проект не постоеше во Македонија.

Втората цел беше да се поттикне размислувањето за натамошните определби и развојни концепции за целокупниот стратешки, енергетски и водостопански развој преку реални, профитабилни и атрактивни проекти, кои ќе го привлечат интересот на странскиот капитал. Оптимизацискиот модел на водниот биланс за сливот на Вардар кој со физибилити студијата за првпат се применува во Македонија, користи три основни ограничувачки критериуми: Законот за води, кој соодветствува на европските норми и стандарди за користење на водите, посебно член 11; Законот за енергетика, посебно во делот за еколошка заштита на водотеците, член 48 и Минимално испуштање водни количини на границата со Грција бидејќи се работи за меѓународен водотек.

Како резултат на таков интегрален приод кон проблемот поедини хидроенергетски објекти, со цел да го зголемат својот рентабилитет од една страна, од друга да не го нарушат вкупниот воден биланс во сливното подрачје на Вардар и од трета страна да бидат задоволени граничните услови со Грција, покажа дека се предимензионирани со нивниот инсталиран проток во однос на средниот годишен проток на профилот. Со други зборови кажано, на мали водотеци се сака да се изградат големи објекти, за што драстичен пример е ПАХЕ „Чебрен“. Значи, потребно е да се изврши препроектирање на постојната техничка документација, бидејќи таа користи застарени подлоги од 1971 и 1983 година, а во меѓувреме се донесени нови закони за води и за еколошка заштита на водите. На тоа укажува и фактот што за 20 години пропаѓаат 14 распишани тендери.

Меѓутоа, имам впечаток дека во ЕСМ и понатаму се стои на цврсти и непроменети ставови по однос на хидроенергетските објекти, а посебно за ХЕ „Чебрен“. На овие ставови се опстои повеќе од 30 години, иако во меѓувреме се изготвени многубројни студии и истражувања, кои укажуваат дека системот на хидроелектрани на Црна Река треба да претрпи значајни технички промени.

„Вардарска долина“ е интердисциплинарен проект во кој се вклучени повеќе дејности. Анализирајќи ја досегашната состојба на работите постојат два пристапа: постојната варијанта на ЕСМ и француската варијанта.
Во варијантата на ЕСМ вниманието е насочено исклучиво на објектот ХЕ „Чебрен“ и тоа на т.н. „Голем Чебрен“ за кој постои техничка документација на ниво на идеен проект и комплетни геолошко истражувачки работи. Во 1996 година е изработена физибилити студија од австриски конзорциум врз база на постојната техничка документација. Таа студија покажа дека објектот „Голем Чебрен“ сам за себе има многу ниска ставка на внатрешен рентабилитет TRI кој е еднаков на 0,8%. Посебна приказна се еколошките аспекти, кои во никој случај не може да поминат во Европа за нормално одобрување кредити за градба. Тука пред сè се мисли на акумулацијата што ќе има повеќе од 50% мртов простор со максимален биодиверзитет на живите организми бидејќи нема да има флуктуација и обновување на водата.

Француската варијанта (МК „Вардарска долина“) е формулирана по четиригодишна истражувачка работа на глобална физибилити студија за проектот „Вардарска долина“ за сливното подрачје на Вардар. Споредувајќи ги основните технички податоци од постојните проекти од првата фаза пред оптимизацијата и техничките податоци по оптимизацијата, може да се констатира значајна разлика. Тоа укажува на фактот дека со оптимизацијата на водниот биланс, која е извршена во новопредложеното концепциско решение на потсистемот Црна Река, значајно се намалуваат димензиите на браните „Чебрен“ и на „Галиште“, а се предвидува и нов објект, браната „Скочивир“, покрај постојниот ХЕ „Тиквеш“.

Значи, се предлага хидросистем „3+1“ од помали каскадни хидроелектрани кај кои ќе бидат задоволени сите хидравлички и еколошки критериуми.

Овие помали и пофлексибилни објекти нудат етапна реализација на системот на хидроелектрани на Црна Река, со максимално вклучување на домашната градежна оператива. Се нуди иста сила и производство на системот, а минимално еколошко влијание врз акумулациите во водотекот на Црна Река. Според моето мислење, реализацијата на ова каскадно решение со три помали брани ќе биде до 25% поевтино.
Треба да им се каже на сите што личниот профит го ставаат над јавниот интерес дека за заштита на водотекот на Црна Река вреди да се бориме и да се избориме со наша вода да не се наводнува Солунско Поле туку пред сѐ да се обезбеди вода за нашата житница Пелагонија и за Тиквешко Поле. Реките се од непроценлива вредност за граѓаните на Македонија и затоа е потребно да се процени нивната вредност во екосистемот и со активно учество на јавноста да се донесе одлука за нивно уредување.

Неприфатливо е во 21 век кога ИТ-алатките се користат максимално да не се почитуваат оптимизациските модели за одредување на основните параметри на браните. Не смеат да се дозволат такви манипулации, да се користи хидропотенцијалот на водата прво за производство на електрична енергија, а после да се размислува за другите потреби како што е во случајот со ПАХЕ „Чебрен“.

Затоа, под итно треба да се поништи тендерот изработен врз база на застарениот проект од „Exergija“ (Грција). Потоа да се прифати оптимизираната варијанта од физибилити студијата на проектот „Вардарска долина“ изработена од FDF (Франција), каде што ХЕ „Чебрен“ е со реални и со оптимизирани димензии, кои одговараат на средниот проток на профилот, а во исто време се применува сета европска законска регулатива за таков тип на објекти. Мислам дека на Македонија повеќе не ѝ е дозволено да се прават грешки во инвестициската политика од типот на автопатот „Кичево – Охрид“ и многу други што сега не би сакал да ги набројувам.

(Авторот е инженер, проект-менаџер во периодот на реализација на физибилити студијата „Вардарска долина“)